Словенечкиот премиер Јанез Јанша испрати писмо до лидерите на земјите членки на ЕУ во кое ги повикува да се придржуваат до договорот за новиот буџет постигнат во јули, кој сега се става во втор план поради договорот пристапот до буџетот да се условува со владеење на правото.
Во писмото до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, Јанша вели дека владеењето на правото мора да се почитува во сите земји, но оти „механизмите што не се потпираат на независни проценки туку се раководат од политички мотивирани критериуми, не можат да се наречат владеење на правото“.
Тој особено истакна дека „Словенија безусловно го поддржува владеењето на правото во сите случаи и без двојни аршини“, објави агенцијата СТА.
– Денес, многу медиуми и некои политички групи во Европскиот парламент отворено се закануваат со инструментот кој погрешно го прогласија „владеење на правото“, со цел индивидуално да ги дисциплинираат членките на ЕУ преку прегласување, порача Јанша во писмото до германската канцеларка Ангела Меркел и премиерот на Португалија Антонио Коста.
– Ние, кои дел од нашите животи живеевме под тоталитарни режими, многу добро знаеме дека изместувањето од реалноста почнува кога социјалните процеси или институциите добиваат називи кои одразуваат целосна спротивност од нивната намена, нагласи Јанша.
Во меѓувреме, помладите партнери во словенечката коалициска Влада се оградија од писмото што Јанша го испрати до лидерите на ЕУ во врска со дебатата за владеењето на правото во европскиот блок.
Претседателот на Нова Словенија (НСи), Матеј Тонин на Твитер напиша дека писмото е мислење на премиерот, бидејќи Владата не одлучувала за неговата содржина.
– Писмото дефинитивно не им користи на словенечките интереси, нè рангира меѓу проблематичните земји каде никогаш не сме припаѓале. За тоа е потребна сериозна дискусија, напиша на Твитер Томаз Гантар, привремениот лидер на Партијата на пензионерите (ДЕСУС).
Партијата на модерниот центар (СМЦ) на својот официјален профил на Твитер напиша дека ја отфрла содржината на писмото, додавајќи дека за СМЦ владеењето на правото е основен принцип на Европската унија и ги поддржува сите напори на земјите-членки на ЕУ и европските институции да го применат овој принцип во сите земји-членки на ЕУ и пошироко.
За писмото први јавија некои светски медиуми пишувајќи дека со тоа словенечкиот премиер Јанез Јанша ги поддржал Унгарија и Полска во нивниот конфликт со ЕУ во осудата на механизмот што го условува давањето средства на Унијата со почитување на владеењето на правото.
Словенија не им се приклучи на Унгарија и Полска на состанокот на претставниците на ЕУ во понеделникот, кога тие го блокираа усвојувањето на буџетот на ЕУ и планот за реконструкција поради механизмот за условување на финансирањето со почитување на владеењето на правото.
Сепак, ставот на Јанша упатува на тешки преговори на утрешниот виртуелен самит на ЕУ, на кој најверојатно ќе се дискутира за тоа, иако официјално е посветен на борбата против коронавирусот, коментираат познавачите потсетувајќи дека Јанша, кој е близок соработник на унгарскиот премиер Виктор Орбан, во писмото ги осуди „двојните аршини“.
Европските шефови на држави и влади во јули се согласија, по маратонските преговори што траеја четири дена и четири ноќи, околу планот за закрепнување со цел справување со кризата со коронавирусот. Планот предвидува 750 милијарди евра помош кои се надоврзуваат на повеќегодишниот буџет на Унијата од 2021-2027 од над 1.000 милијарди евра.