Кандидатката на претседателски избори во САД, Хилари Клинтон, го обвини руското разузнавање за учество во барем еден од трите случаи на хакерски напади во серверите на нејзината Демократска партија.
– Знаеме дека руските разузнавачки служби го хакирале серверот на Националниот комитет на Демократската партија (DNC), дека тие го овозможиле објавувањето на многуте електронски пораки (од преписката на највисоките членови на партијата)“, изјави за телевизијата Fox News Хилари Клинтон.
Таа кажа дека активностите на Русија, веројатно претставуваат намерни обиди да се влијае врз претседателските избори во САД, но на прашањето дали смета дека Москва се обидува да му помогне на Трамп да биде избран за претседател, Клинтон одговори дека нема да брза со таквите заклучоци.
– Трамп дури и го охрабрува тоа, го фали Путин, и покрај тоа што, се чини, има свесните обиди да се влијае врз изборите. Тоа, како што сметам, го покренува прашањето на националната безбедност, рече Клинтон.
Шефот на нејзината кампања, Роби Мук тврдеше дека Трамп има помош од хакери кои се поврзани со Русија. Според него, тие ги украле електронските писма кои ги разменувале членовите на DNC, највисокиот орган во Демократската партија.
Од оваа преписка од која над 19.000 писма беа објавени на порталот на WikiLeaks, се дозна дека членовите на Комитетот биле повикувани да ја поддржат на партиските предизбори Клинтон. Овој скандал се разгоре пред почетокот на минатонеделната национална конвенција на Демократската партија во Филаделфија, и ја предизвика оставката на челничката на DNC.
Демократската партија објави дека цел на хакерските напади биле и партиските сервери, како и серверите на изборниот штаб на Хилари Клинтон. И за овие напади беа обвинети руските траги, поради кириличните букви во трагите коишто ги оставиле хакерите, па дури и актуелниот претседател Барак Обама прстот го впери во Русија.
Ваквите обвинувања во Москва ги нарекува апсурдни, а според портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков тие се толку апсурдни, што едноставно се граничат со тоталната глупост. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, пак, на барање да ги коментира американските обвинувања одговори кусо дека не сака да го употребува грдиот „збор од четири букви“.