Руските воени сили веќе му нанесоа штета од милијарди долари на главниот град на Украина, Киев. Ова го соопшти градоначалникот на градот Виталиј Кличко за време на денешниот национален телетон, јавува дописникот на Укринформ.
– Гледаме колку е уништена инфраструктурата, гледаме дека економијата не функционира, гледаме колку луѓе ги напуштиле своите домови и сега се преселиле во други региони. Нема јасни бројки, но сето тоа е штета од милијарди долари. Нормалното работење, нормалниот живот на нашите луѓе, нормалниот живот на нашиот главен град престана како таков. Ова се должи исклучиво на агресијата на орките кои се обидуваат да го освојат главниот град, рече Кличко.
Градоначалникот, исто така, ги повика жителите на Киев да не ги напуштаат своите домови и засолништа без итна потреба. – Слушаме сирени кои ги повикуваат луѓето да се симнат во засолништата за бомби за да останат безбедни. Но, за жал, цивилите стануваат жртви на ракетни напади секој ден. Пред неколку дена проектили ги погодија областите Оболонски, Подилски, Шевченковски и Дарницки. И гледаме дека бројот на цивили кои умираат во овие напади продолжува да расте, рече Кличко.
Исто така, според Кличко, полицискиот час во Киев се исплател.
– Во моментов има сили кои работат во градот за да ги лоцираат диверзантските групи. Тие можат да бидат таму. И апелирам до сите да бидат внимателни, доколку имате какви било информации, видите сомнителни луѓе, контактирајте со полицијата, рече тој.
Извор: МИА