Леталото со возилото „Кјуросити“ кое ќе го испитува Марс успешно слета на површината на „Црвената планета“ во една од најамбициозните вселенски мисии на сите времиња.
Роверот после пат од 560 милиони километри ги преживеа и „седумтте минути ужас“ како што научниците го нарекоа комлицираниот маневар за слетување.. Веднаш потоа роверот испрати текстуална порака на која пишуваше „Успеав. Безбедно слетав на површината на Марс. Кратеру Гејл, во тебе сум“.
„Денеска тркалата на Кјуросити ја подготвуваат патеката за човечките чекори на Марс“, рече Чарлс Болден, првиот човек на НАСА.
Роверот кој беше поставен на специјално летало, тргна од Земјата минатата година во ноември, а сега веднаш по пристигнувањето ги испрати првите фотографии од површината на Марс.
„Кјуросити“ фотографиите ги постави и на “својот“ Твитер- @MarsCuriosity.
Успешното слетување во американската вселенска агенција предизвика ерупција од емоции, а милиони луѓе низ светот преку интернет го следеа преносот на историскиот настан.
Возилото опремено со лабораторија има задача во двегодишната мисија да ја проучи површината на Марс за да се утврди дали некогаш таму имало живот.
Мисијата на „Кјуросити“„(љубопитност) чини 2, 5 милијади долари, а досега ова е најсофистицираната сонда испратена на Марс. Таа носи високоразвиена опрема за анализа на карпите и земјиштето на Марс. Роверот слета во големиот екваторијален кратер Гејл.