Не може да се исклучи можноста дека пандемијата „Ковид-19“ започнала со истекување на вирус од лабораторија, изјави водечки кинески владин научник. Позицијата на вирологот и имунолог Џорџ Гао е спротивна на тврдењата на кинеската влада, која ја отфрла секоја можност вирусот да избегал од лабораторија во Вухан која го проучувала коронавирусот.
Гао, поранешен шеф на Кинескиот Центар за контрола на болести (ЦДЦ), изјави за Би-Би-Си Радио 4: „Секогаш треба да преиспитувате сè. Тоа е наука. Не отфрлајте ништо“. Тој сега е претседател на Националната природна научна фондација на Кина, откако го напушти ЦДЦ минатата година, каде одигра важна улога во одговорот на пандемијата и истрагата за потеклото на вирусот.
Кинеската амбасада во Обединетото Кралство за Би-Би-Си изјави дека теоријата за бегството на вирусот од лабораторијата ја шират „антикинески сили“, дека е „политички мотивирана и научно неоснована“, пишува дпа.
Таа теорија во февруари ја застапуваше и директорот на ФБИ, Кристофер Вреј, кој рече дека вирусот „многу веројатно“ се проширил на тој начин, иако сè уште нема консензус за ова прашање меѓу американските разузнавачи.
Директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, во март изјави дека сите хипотези за потеклото на вирусот „остануваат на маса“, објави Скај њуз. „Сакам да бидам јасен дека СЗО не ги напушта плановите да го идентификува потеклото на пандемијата на Ковид-19“, рече тогаш Тедрос.
„Њујорк тајмс“, исто така во февруари, напиша дека американското Министерство за енергетика исто така заклучило дека ослободувањето од лабораторијата е најверојатната причина за пандемијата, но дека нема цврсти докази за тоа тврдење.