Кина забрани влез на група британски парламентарци во Хонг Конг

Од:

Групата британски парламентарци кои планираа да отпатуваат во Хонг Конг, не ќе може да влезат на хонгконшката територија, соопшти кинеската Амбасада во Лондон.

Одлуката на кинеските власти предизвика остра реакција на претседателот на Комисијата за надворешни работи на британскиот Парламент, Ричард Отовеј, кој го осуди ваквиот потег.

– Ние не сме непријатели на Кина. Ние (Британците) сме пријатели и партнери и во текот на посетата (на Хонг Конг) имаме намера да внимаваме на тоа, рече Отовеј, кој требаше да биде на чело на делегацијата составена од членови на Комисијата.

Тој меѓутоа остро им приговори на кинеските власти поради забраната на патот и на престојот на делегацијата во Хонг Конг.

– Не е работа на Кина да воведува забрани за влез на територијата на Хонг Конг, изјави Отовеј.

Овој британски пратеник најави дека ќе побара специјална дебата во Долниот дом на Парламентот, по одлуката на кинеските власти.

До 1997 година Хонг Конг беше британска прекуморска територија, која британската влада и ја врати на Кина, откако помина важноста на стогодишниот договор со кој делот од кинеската територија на кој се наоѓа градот и беше отстапен на Велика Британија.

Со договорот меѓу Лондон и Пекинг, предвидено е Хонг Конг да има целосна политичка и економско-финансиска автономија, одржувајќи политички систем сосема различен од оној во Кина. Властите во Пекинг тоа го објаснија со својата сопствена политичка филозофија за една држава со два система.

Посетата на британските парламентарци требаше да дојде по тримесечните продемократски протести во Хонг Конг на кои демонстрантите бараат одржување на „вистински слободни и демократски избори“ без контрола и мешање на Пекинг.

Британскиот Форин Офис се огради од инцидентот, оправдувајќи се дека парламентарната Комисија е независна од Владата. Претставник на Министерството, сепак, изрази жалење поради решението да им се забрани на британските парламентарци влез во Хонг Конг.

Би можело да ве интересира

Кинескиот суд одлучи: Затвор за лицата кои упаднаа во градското собрание во Хонг Конг

Горан Наумовски

Хонг Конг: Седуммина уапсени во случај на „перење“ 1,8 милијарди долари

Хонг Конг: Две лица ги загубија животите во поплавите, повеќе од 100 лица се повредени

ВИДЕО: Тајфунот фрла девојка на улица, вода продира низ зградите: Драматична снимка од невремето во Хонг Конг

(ВИДЕО) Силниот тајфун Саола го погоди Хонг Конг

Екстремен спортист загина во Хонг Конг додека се фотографираше