Украина е под притисок оваа недела да одговори на низата идеи на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп кои ќе имаат долгорочни последици за завршување на војната со Русија, вклучително и потенцијалното американско признавање на Крим како дел од Русија од нејзината анексија во 2014 година, како и повлекувањето на Киев од членството во НАТО. Ова го објави Волстрит журнал, кој наведува дека часовникот на Киев отчукува додека Вашингтон чека одговор на планот на Трамп да стави крај на војната во Украина.
Волстрит журнал пишува дека неименувани западни функционери рекле дека овие идеи биле наведени во доверлив документ што високи членови на администрацијата на Трамп им го претставиле на нивните украински колеги на состанокот одржан во Париз.
Увид во овој план имаа и високи европски претставници на состанокот кој траеше цел ден.
Минатата недела Трамп ги испрати специјалниот пратеник Стив Виткоф и шефот на Стејт департментот Марко Рубио во францускиот главен град на разговори за ставање крај на војната во Украина.
Киев Индипендент наведува дека информациите до кои дојде Волстрит журнал доаѓаат откако Рубио по состанокот во Париз укажал на подготвеноста на Трамп да се откаже од напорите за постигнување прекин на огнот доколку нема напредок меѓу Русија и Украина во наредните денови.
По одговорот на Украина на планот на Трамп, се очекува да се одржи уште една средба во Лондон кон крајот на оваа недела.
Доколку Киев, Вашингтон и европските сојузници се договорат за планот на состанокот во британската престолнина, тој официјално ќе и биде претставен на Русија.
Дека „НАТО не е на маса“ за време на преговорите, односно дека не се разгледува можноста Киев да влезе во Алијансата, во вчерашното интервју за Фокс њуз потврди и Кит Келог, специјалниот пратеник на Трамп за Украина.
Украинските власти претходно изјавија дека земјата нема да ги признае териториите окупирани од Русија како дел од каков било мировен договор.
Украинскиот медиум наведува дека признавањето на Крим како дел од Русија, исто така, не би било во согласност со консензусот што преовладуваше по ова прашање во Вашингтон во последните десет години, како и со меѓународното право. Украинската делегација на која беше претставен планот на Трамп во Париз беа Андриј Јермак, началникот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, министерот за надворешни работи Андриј Сибиха и министерот за одбрана Рустем Умеров.
Според Волстрит журнал, на состанокот во Лондон се очекува да бидат присутни членови на тимот на Трамп, меѓу кои и Келог и друг специјален пратеник Стив Виткоф. Американскиот весник наведува дека се очекува Виткоф да биде тој што потоа ќе отпатува за Москва.