Кениските трупи се повлекуваат од една воена база во западна Сомалија, откако таа беше нападната од џихадистите на групата Ал Шабаб, јавуваат странските медиуми, повикувајќи се на тврдењето на населението во малото место Ел Аде, што се наоѓа близу до базата.
Претставник на Ал Шабаб претходно тврдеше дека во нападот биле убиени „барем 100 Кенијци“.
Ккомандата на кениските сили стационирани во Сомалија, ги отфрли како неточни тврдењата за повлекувањето од базата.
Во соопштението на кениската команда се вели дека не станува збор за повлекување, туку само за „редовно разместување“ на силите. Во соопштението, меѓутоа, нема ништо за бројот на кениските жртви во нападот на џихадистите врз воената база, што се случи уште пред десет денови.
Во Сомалија има 4.000 кениски војници, кои се дел од контингентот од 22.000 странски сили на Африканската унија, кои се стационирани на Рогот од Африка за да се оневозможат џихадистите на Ал Шабаб да ја преземат власта.
Жителите на местото Ел Аде изјавиле дека се задоволни од заминувањето на Кенијците, кои ги обвинуваат за „насилство врз цивилите“ и за „воздушни напади“ што се случувале по нападот врз базата.
Кенија и нејзината армија категорично ги отфрлаат обвинувњата на локалното население во Ел Аде.
Според командата на кениската војска, цел на нападите се само припадниците на исламистичката милитантна група Ал Шабаб.