Кардиналите на Римокатоличката Црква, денес на тајната конклава ќе продолжат да гласаат, за наследникот на Бенедикт ХVI кој на 28-ми февруари самоволно ја напушти Светата столица.
Црниот чад од оџакот на Сикстинската капела вчеравечер означи дека новиот папа како што се претпоставуваше, не е избран на првиот ден од конклавата.
Кардиналите предпладне ќе продолжат со гласањето во уште два круга, а доколку новиот поглавар не биде избран ќе се гласа уште два пати попладне.
Ако ни по четвртиот и петиот круг, не се избере новиот папа ќе се гласа и во четврток по истиот распоред.
Кога новиот папа ќе биде избран од оџакот на Сикстинската капела ќе излезе бел чад и ќе се огласат ѕвоната на базиликата на Свети Петар.
Портпаролот на Ватикан, Федерико Ломбарди во вторник изјави дека конклавата ќе трае од два до четири дена.
Папата треба да добие поддршка од двотретинско мнозинство, така што за избор на нов поглавар на 1,2 милијарди верници потребни се гласови од 77 кардинали.
Новиот папа го очекуваат големи предизвици во водење на црквата која се бори со бројни проблеми, од сексуално злоставување до обвиненија за корупција во Ватикан, кои беа голем товар за Бенедикт, наведуваат агенциите.
Италијанските и германските медиуми шпекулираат дека новиот папа би требало да биде од Европа, а наводно прв кандидат е миланскиот бискуп Анѓело Скола.
Помеѓу кандидатите од Европа кои би можело да бидат избрани се Австралијанецот Кристофер Шонбом (68) и Унгарецот Петер Ердо (60).
Доколку сепак новиот папа не биде од Европа, за прв пат ќе биде поглавар од друг континент, во изминатите 1.300 години.
Многумина сметаат дека е време папа да биде црнец и во тој случал главен фаворит е Петер Турксон (64) од Гана.
Елена Георгиевска