Унгарскиот возач на камион, Пал Корбели (50) цели 16 километри возел по британскиот автопат М6 во спротивната насока, пред да биде запрен.
Инцидентот се случил на 7 јули годинава, ноќта кога унгарскиот возач ги немал вклучено ниту средните светла на големото возило, па е вистинска среќа што притоа не дошло до судар со некое од возилата што му доаѓале во пресрет.
Судот во Бирмингем го осуди Корбели на осум месеци затвор и три години забрана да вози по патиштата на Велика Британија.
На судењето Корбели ја призна „грешката“ при возењето, оправдувајќи се дека бил под дејство на домашна шливовица што ја пиел додека возел.
При апсењето, по алко тестот полицајците утврдиле дека имал повеке од 2,5 пати алкохол во крвта од дозволеното според битанските сообраќајни прописи.
Камионот ќе продолжел да вози во спротивната насока, од онаа на која се вози по патиштата во Велика Британија, доколку три големи камиони не направиле блокада кај една сообраќајна клучка. Судијата во текот на судењето, соопшти дека тројцата „храбри возаци“ на камионите во блокадата се наградени со по 250 фунти за тоа што можеби спречиле потешка сообраќајна несреќа.
По британските патиста, на кои се вози од левата страна на патот, се среќаваат голем број товарни возила од разни земји од Европа, каде се вози на десната страна, но ова е прв ваков тежок инцидент што е регистриран по подолго време.