Британскиот премиер Дејвид Камерон му наложил на генералниот секретар на владата, Џереми Хејвуд да стапи во контакт со редакцијата на „Гардијан“, околу доверливите информации кои беа провалени во јавноста од Американецот Едвард Сноуден, потврдија денеска во Лондон владини извори во Вајтхол.
Според овие извори, генералниот секретар Хејвуд „бил во контакт“ со лондонскиот весник, откако „Гардијан“ објави детали за тајните програми за надгледување на комуникациите и за следење, што ги спроведуваат американската и британската агенција за безбедност.
Главниот уредник на весникот, Алан Расбриџер претходно соопшти во авторски текст на интернет страницата на „Гардијан“ дека „бил приморан да ги уништи хард дисковите на компјутерите во редакцијата“ на кои се наоѓале доверливите информации што им ги обезбеди Сноуден, по бегството од САД во Хонг Конг.
Расбриџер во својот текст вели дека „комуникацијата со Владата“ одела преку „еден висок функционер кој тврдел дека ги пренесува погледите и ставовите на британскиот премиер“, но него откри неговиот идентитет.
Лондонските весници „Дејли Меил“ и „Индепендент“ денеска тврдат дека „владиниот човек“ е Џереми Хејвуд, но откриваат дека тој не зборувал само во името на Камерон, туку и во име на заменик премиерот Ник Клег, како и на министерот за надворешни работи Вилијам Хејг.
„Гардијан“ кој важи за близок на опозиционите лабуристи, целиот овој случај го оквалификува како „еден од најбзарните инциденти во британската новинарска историја“.