Камбоџанскиот Парламент денеска усвои нов Закон за невладините организации, чие донесување предизвика големи улични протести на граѓанските организации и бојкот во гласањето од страна на опозициската Национална партија за спас на Камбоџа.
Владејачката Народна партија на Камбоџа има мнозинство во Парламентот и сите нејзини 68 пратеници го поддржаа Законот, за чие донесување беше потребно просто мнозинство.
Премиерот Хун Сен, образложувајќи го новиот закон за НВО, рече дека во Камбоџа се регистрирани над 5.000 здруженија и асоцијации на граѓани, но дека повеќето од половина одбиваат соработка и контакти со Владата.
Новиот закон, според премиерот на оваа држава во југоисточна Азија, ќе им донесе низа придобивки на граѓанските здруженија, чии претставници ги повика да работат во полза на државата, а не за странски интереси.
Припадници на групите за заштита на човековите права и на невладините организации, наспроти засиленото полициско присуство во Пном Пен, објавија дека и натаму ќе протестираат и ќе ги бојкотираат правилата воведени со новиот Закон.