Би-би-си – Лондон
Тоа секогаш се работи тајно, но кога читате или гледате вести треба секогаш да имате на ум зошто е објавена некоја вест од неименувано официјално лице – мотивите се разни.
Колку пати сте виделе приказната што ја читате во весниците или ја гледате на телевизија да потекнува од „извори“?
Или забележувате како новинар „со целосно разбирање“ разговара со некој кој застапува одреден став?
Тоа е веројатно поради тоа што тој некој претходно „го избрифирал“ новинарот – му дал некои насоки или документи пред разговорот.
Но, сето тоа се работи затскриено, во стилот „ова не си го слушнал од мене“.
Или, да бидеме целосно отворени, тоа е протекување информации.
Одавањето информации стана тема за насловна страница кога неодамна Гавин Вилијамсон мораше да го напушти местото британски министер за одбрана, наводно токму поради тоа.
Вилијамсон беше сменет на 1 мај поради одавање информации од затворен состанок за кинеската телекомуникациска компанија „Хуавеи“, соопшти тогаш кабинетот на премиерката Тереза Меј.
– Одлуката на премиерката е донесена врз основа на информациите за неговото однесување, до кои дојде истрагата за околностите за неовластено одавање информации од состанокот на Советот за национална безбедност, се наведува во соопштението.
Вилијамсон остро демантираше дека стои зад тоа, а соработниците на премиерката соопштија дека случајот е завршен.
Истрагата беше поведена откако медиумите објавија дека Советот, кој се состанува зад затворени врати, одлучил да ѝ дозволи на компанијата „Хуавеи“ да учествува во некои аспекти во новата британска безжична 5Г-комуникациска мрежа.
Британската влада инсистира на тоа дека таква одлука не е донесена.
Ова е екстремен пример на протекување податоци, но на ниско ниво – информации, гласини или озборувања се одаваат секојдневно. Тоа е дел од политичката сцена во Велика Британија.
Како се случува тоа?
Тоа понекогаш се случува во кафулиња, а некогаш во попатни брзи разговори во ходниците на Вестминстерската палата – тоа е сликата што најверојатно многумина од нас ја замислуваат.
Не заборавајте, зградата на Парламентот е физички простор што во таквите случаи не ви е потребен.
Сетете се како комуницирате со колегите од работа, исто е и овде – голема е веројатноста тоа да биде преку Вибер и Ватсап, отколку на пијалак.
Што е тоа за новинарот? Јасно е дека тие сакаат први да ја добијат приказната и разговараат со лица кои можат да ѕирнат зад завесата – да им дадат информации одвнатре.
И секогаш имајте на ум што би било ако ги нема таквите извори – какви политички вести би имале, само такви какви што луѓето од власта сакаат да ги слушнеме.
Каква корист имаат од тоа политичарите или нивните соработници? Тоа е веќе работа на нијанси.
Можеби сакаат да изградат добар однос со новинарите, кои ќе им бидат потребни за во иднина.
Во друг случај, може да се случи да не се согласуваат со предвидената политика и со одавањето информации сакаат да го свртат вниманието на тој проблем и да го сменат ставот на јавното мислење за тоа.
Некогаш тоа е чисто политичка одлука – обид себеси да се претстават во што подобро светло, а да го оцрнат противникот.
А причина може да биде и автентична загриженост поради неправдата што е сторена – така се создаваат алармирачи.
Зошто често се случува таквите работи да се непотпишани?
Одговорот е сосема очекуван, за да можат да негираат дека станува збор за нив. Со чест на исклучоци.
Кратка историја на протекување информации?
Лабуристот Џими Томас морал во 1936 година да замине од министерската функција кога било откриено дека одавал доверливи информации за буџетот и тоа со шифрирани пораки на пријатели, со кои играл голф.
Во тоа му помогнало тоа што на англиски јазик зборот tee (клин), од каде што се изведува првиот удар во голф, слично се изговара како tea (чај), па така им порачал дека ќе биде зголемен данокот за чај.
Министерот за финансии Хју Далтон бил сменет во 1947 година, бидејќи за деталите на буџетот им дошепнувал на новинарите и тоа се појавило во печатените медиуми пред тој да ги соопшти официјално.
Тоа не е последниот таков случај. Дури се одомаќини праксата деталите за буџет прво да се појават во медиуми и тоа многу прецизно.
Секако, не мора секогаш да станува збор за пари. Разни сочни детали порано или подоцна доаѓаат до новинарите и тоа е многу вообичаено.
Живееме во време кога тоа многу често се случува.
Политичарите се тркаат за местото на премиерката во заминување, а дисциплината во кабинетот е релативно слаба.
Барем така беше, до случајот со Вилијамсон, рај за одавање информации.
Дали е тоа против правилата или законите?
Постои јасна разлика меѓу законите и непишаните правила, според кои, политичарите соработуваат меѓусебно и со новинарите.
Ако податоците носат ознака тајност, тоа е една работа, но ако зборуваме за озборувања и гласини од собраниските кулоари, тука работите не се толку јасни.
Одавање, можеби повеќе од ништо, го покажува нарушувањето на партиската дисциплина и тенденцијата на функционерите да се борат за себе, а не за она што е претходно зацртано.
Особено кога станува збор за мали завртки внатре во системот.
– Кога секој секого би го кодошел поради откривање информации, вели еден високо позициониран извор од Вестминстер за „Њузбит“, „тоа би било крвопролевање“.