Претседателот на Јужна Африка, Џејкоб Зума, им се извини на Јужноафриканците, во обид да се смират политичките тензии во земјата и да се затвори скандалот околу неодговорното трошење државни пари за неговиот приватен имот.
-Случајот предизвика многу фрустрации и конфузија, за што жалам и се извинувам, изјави претседателот Зума во телевизиското обраќање.
Во обраќањето, тој вети дека ќе ги врати сите пари, земени од државниот буџет и дека ќе ја испочитува пресудата на Уставниот суд на земјата.
Во четвртокот, овој суд едногласно одлучи дека претседателот на државата извршил „повреда на Уставот„ со своето одбивање да ги врати парите, на кои немал право и побара тоа да го направи во што е можно пократок рок.
На својот приватен имот, Зума извршил темелна обнова и модернизација, со изградбата на базен од олимписки димензии и амфитеатар, за што биле потрошени 23 милиони долари државни пари.
Имотот всушност е неговата семејната фарма во Нкандија, во јужноафриканската провинција КваЗулу-Натал.
Целиот случај се провлекува неколку години, откако за него прв пат се разбра по одлуката на антикорупциската комисија на Јужна Африка, за тоа дека шефот на државата трошел буџетски пари за својот имот.
Комисијата оцени дека Зума ќе мора да и ги врати на државата парите што неоправдано ги користел.
Тој, меѓутоа, не ја прифати оваа одлука на комисијата, бранејќи се дека иако имотот е неговата лична своина, објектите што се изградени и целиот простор ќе имаат поширока општествена употреба.
Веднаш по пресудата на Уставниот суд дека е повреден Уставот и дека Зума мора да ги врати парите, јужноафриканската опозиција покрена иницијатива за импичмент (отповикување) на Зума, а потоа побара од претседателот самиот да се повлече, поднесувајќи оставка.
Џејкоб Зума е на претседателската функција од 2009 година.
Последниве неколку години, неговата влада ја губи подршката на гласачите, кои ја обвинуваат власта за корупција и за непотизам.