На централните улици на Сеул од денеска за редот ќе се грижат припадниците на туристичката полиција, чии припадници се облечени во елегантни униформи, изработени од дизајнерот, заслужен за изгледот на популарниот пејач Псај.
Неговиот хит „Гангам стајл“ го одбележа почетокот на работата на новата полициска единица, чии припадници изведоа танц карактеристичен за таа песна.
Околу сто полицајци и мажи и жени, се првата група од новите полициски сили, формирани за да ги заштитат туристите од грабежи, за време на престојот во Сеул.
Полицајците се избрани првенствено поради своите јазични вештини, имајќи предвид дека многумина од нив говорат англиски, јапонски и мандарински. Тие не носат оружје, но имаат значки на кои е наведено кои јазици ги зборуваат, а облечени се во униформи, кои ги дизајнираше еден од дизајнерите на одела за популарната јужнокорејска ѕвезда.
Парк Јае – Хјонг, еден од регрутите вели дека овие полицајци ќе им помогнат на оние кои прескапо го платиле возењето со такси или храната, која се продава на улиците, а ќе ја повикаат регуларната полиција во посериозните ситуации.
– Туристичката полиција не е формирана затоа што оваа земја не е безбедна. Вие сте амбасадори, кои ќе покажете колку оваа земја е безбедна. Од сега ќе биде многу зафатени, бидејќи ќе се сликате со туристите, изјави претседателот на Корејската туристичка организација, Ли Чарм, на новите полицајци.
Бројот на туристите во Јужна Кореја секоја година бележи раст, а лани достигна рекорд од десет милиони, за што делумно е заслужен и Псај. „Гангам стајл“ е најпопуларен спот на сите времиња на Јутјуб со речиси 1,8 милијарди посети.