Студентите кои протестираат во Јужна Африка запалиле неколку згради кои се во рамки на Северозападниот универзитет во градот Махикенг, принудувајќи ја управата да го затвори кампусот и да побара од студентите да си заминат, пренесува Танјуг.
Локалните медиуми пренесуваат дека Кос Дегенар, потпаролот на јужноафриканскиот универзитет соопштил дека демонстрантите синоќа го запалиле административниот блок, вклучувајќи го и научниот центар кој се наоѓа во него.
Студентите исто така го запалиле и домот на надзорникот на студентскиот дом.
Јужноафриканскиот претседател Џејкоб Зума денеска го осуди насилството и уништувањето на имотот, што студентите за време на протестите го извршија врз неколку кампуси низ земјата.
– Палењето на универзитетската зграда во време кога образованието на нашата младина го гледаме како приоритет е необјасниво и никогаш нема да може да се прости – нагласи Зума.
Насилството следеше по ескалацијата на студентските протести во универзитетските кампуси насекаде низ Јужна Африка, кои често имаат барања за помала школарина, повеќе студентски домови и отстранување на статуите и другите уметнички дела кои за некои студенти претставуваат расистичко минато на Јужна Африка.