Поранешната премиерка на Тајлад, Јинглук Шинаватра со воена придружба денеска е одведена во објект на тајланската армија во Бангкок, но засега не е познато дали е уапсена.
Таа денеска минала неколку часови на информативен разговор во една армиска институција во Бангкок со претстваници на воените власти, но во услови на целосна цензура што ја воведе воената хунта, нема никаква сознанија за тоа какви се намерите на лидерите на хунтата.
Покрај, Шинаватра која пред десет дена беше сменета од функцијата, откако тајландскиот Врховен суд ја осуди за „злоупотреба на власта“, а државната антикорупциска комисија ја осомничи за корупција со субвенициите што нејзината Влада им ги дава на фармерите, на сослушување и на информативни разговори хунтата повика и други 140 политички личности.
Армијата им забрани на 155 истакнати тајландски политичари да ја напуштаат земјата, без дозвола и знаење на воената хунта.
Лидерите на двете главни партии, на владејачката Пеу Тај и опозиционата Демократска партија, кои исто така беа сослушувани од воените власти, беа пуштени да си одат дома, но се верува дека водачите на провладините и на антивладините протести, се уште се задржани во воените објекти каде сите се повикани да се јават.
Дел од пратениците од владејачката партија се верува дека се побегнати од Бангкок и се кријат некаде во внатрешноста на земјата.
Сослушувањата на доскорешните функционери и активни политичари е воведено само 24 часови по воениот удар што тајландската армија го изврши вчера и откако водачот на пучот, генерал Прајут Чан-оча утрово се прогласи за нов премиер на Тајланд.
Армијата го оправдува овој чекор со намерата да се спречат можните крвопролевања при потенцијани судири меѓу антивладините и провладините демонстранти, кои изградија кампови во главниот град, подготвувајќи се за протести, едните за соборување, а другите, за спас на Владата.
Во првото соопштение по воениот удар, хунтата соопшти дека ја презела власта од политичарите за да обезбеди ред и мир во земјата. Од ноември минатата година, Тајланд се соочува со длабока криза, откако опозиционите лидери покренаа антивладини протести во Бангкок и кампања за непослушност.
Војската го суспендира Уставот, ја расформира Владата и го прекина емитувањето редовна програма на сите радио и телевизиски станици.
Во изминатите 24 часа, хунтата издаде две наредби и 19 соопштенија што се читаат по неколку пати на телевизиските станици кои не може да емитуваат никаква друга програма, освен што се пушта народна музика.
Блокирани се и програмите на Си-Ен-Ен и на Би-Би-Си, а Владата од денеска издава свој весник. Засега не се бликрани телефонските комуникации, како и интернетот.