Премиерот на Јемен, Ахмед Обаид бин Дагар, го нарече пуч нападот на сепаратистите врз трупите на претседателот Абед Рабо Мансур Хади, јави Асошиејтед прес.
Агенцијата наведува дека е затворен главниот аеродром и дека властите наредиле евакуација на сите авиони поради страв дека би можеле да бидат оштетени во борбите, а државниот авиопревозник ги откажал сите летови.
Известувачот од Јемен за агенцијата наведува дека се слушаат истрели од огнено оружје во областа Кормаксар и дека густ чад се издига по воздушните напади како и дека борбите се прошириле и на други делови од Аден, вклучувајќи го и реонот во близина на претседателската палата.
Очевидци тврдат дека вооружени мажи упаднале во владини простории и дека пукале во фотографиите на претседателот Хади.
Најмалку 10 јеменски борци беа убиени денеска во борбите ширум привремената престолнина Аден, во која се засолни претседателот Хади со поддршка од сунитката арапска коалиција на чело со Саудиска Арабија откако шиитските бунтовници Хути во 2015 година го зазедоа главниот град Сана.
Јеменскиот премиер претходно на Фејсбук упати апел до арапските земји да го спасат Аден и да спречат градот да падне во рацете на сепаратистите од југот на Јемен потпомогнати од Обединетите Арапски Емирати кои сакаат да го симнат од власт претседателот Хади.