Јапонија нема да учествува во договорот меѓу МОК и Кина за вакцините

Од:

Јапонија нема да учествува во договорот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) и Кина во обезбедувањето вакцини за учесниците на Олимписките игри во Токио и Зимските олимписки игри во Пекинг 2022 година.

Јапонската министерка Тамајо Марукава денеска изјави дека МОК не ја консултирал Јапонија за кинеските вакцини и додаде дека јапонските спортисти нема да ги примат. Таа изјави дека тие вакцини не се одобрени во Јапонија.

– Презедовме сеопфатни мерки за да овозможиме учество на Игрите и без вакцинација. Нашиот принцип дека вакцинацијата не е предуслов за учество не е променет, рече Марукава.

Таа исто така посочи дека Игрите ќе се одржат како да не се достапни вакцини, потпирајќи се на тестови, маски, физичка оддалеченост и држејќи ги спортистите во „балони“.

Меѓународниот олимписки комитет првично инсистираше на тоа дека нема да бара спортистите да бидат вакцинирани, туку само ќе ги поттикне да го сторат тоа.

Сепак, МОК и Кина вчера се договорија да им понудат вакцини на спортистите и тимовите кои се подготвуваат за Олимписките игри во Токио и Зимските олимписки игри во Пекинг.

– Дистрибуцијата на кинеската вакцина ќе се изврши преку меѓународни агенции или постојните договори за вакцини што земјите ги имаат со Кина, изјави претседателот на МОК, Томас Бах.

Тој рече дека МОК ќе плати дополнителни дози за олимпијците и параолимпијците, но не ги наведе трошоците.

Бах исто така рече дека „значителен број олимпијци веќе се вакцинирани“, но не ги именуваше земјите.

– МОК ќе се потруди да има што повеќе вакцинирани учесници на Олимписките и Параолимписките игри во Токио, рече Бах.

Олимписките игри во Токио ќе се одржат од 23 јули до 8 август.

Би можело да ве интересира

Кинескиот потпретседател Хан Женг ќе присуствува на инаугурацијата на Трамп

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Бројот на загинати во земјотресот во Тибет се искачи на 126

Горан Наумовски

Кинеска вселенска ракета експлодираше откако беше лансирана

Горан Наумовски

Кина распоредува голем број бродови околу Тајван

Горан Наумовски

Возилото во кое се наоѓаше јапонскиот премиер удри во полициско возило

А1он

Кинескиот министер за одбрана под истрага за корупција