Парламентот на Израел го номинираше актуелниот премиер Бенјамин Нетанјаху за формирање нова коалициска влада, што ќе биде негов петти мандат по повеќе од една година политичка неизвесност.
„Номинацијата на Нетанјаху беше поддржана од 72 од вкупно 120 пратеници во Кнесетот, откако Парламентот усвои предлог-закон за прифаќање на договорот за поделба на власта меѓу неговата десничарска партија Ликуд и партијата Сино и бело на неговиот центристички ривал Бени Ганц“, се наведува во заедничкото соопштение на двете партии.
Номинацијата на Нетанјаху е доставена до претседателот на Израел, Реувен Ривлин.
Нетанјаху и Ганц, кои се натпреваруваа на дури три избори од април 2019 година кои не дадоа сигурен победник, планираат свечено да ја преземат власта во среда.
Според нивниот договор, Нетанјаху ќе биде премиер 18 месеци, по што Ганц ќе ја преземе должноста.
Ганц долго време се спротивставуваше да биде партнер на Нетанјаху, кој е обвинет за корупција.
Сепак, минатиот месец, се премисли, сметајќи дека е неопходно формирање влада за национално единство за брзо справување со економската штета од пандемијата на коронавирус.
Нивната коалиција доби зелено светло и од Врховниот суд, кој вчера ги отфрли тужбите на опозицијата и активистите и донесе пресуда дека Нетанјаху може да формира нова влада, иако беше обвинет за мито, измама и кршење на довербата.
Нетанјаху (70) ги отфрли сите обвиненија пред судењето, што треба да започне на 24 мај.