Израел и Турција не се согласни околу сумата за компензации, кои треба да им бидат исплатени на семејствата на деветмината турски државјани, кои беа убиени во 2010 година во нападот на израелските командоси врз бродот „Мави Мармара“, кој пловеше како дел од меѓународната флота за помош на Појасот Газа, јави ДПА.
Турција бара еден милион долари за секој убиен, додека Израел е подготвен да плати по сто илјади долари, пишува израелскиот финансиски весник „Глобус“.
„Џерусалим пост“ информира дека оваа недела се очекува израелски и турски претставници да почнат разговори по ова прашање. Оваа информација денеска ја објавија и турските весници, според кои израелска делегација, предводена од специјалниот пратеник на премиерот на Бенјамин Нетанјаху, Јозеф Цихановер, пристигнуваа оваа недела во Турција со цел да се прецизира износот на сумата. Во турските весници се споменуваат суми од по сто илјади долари за секој убиен и по 50 илјади долари за секој ранет.
Нетанјаху минатата недела му се извини од името на Израел на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган поради нападот, нагласувајќи дека убиствата не биле со предумисла. Тие се договориле да ги вратат амбасадорите во земјите.
Турција постави три услови за нормализирање на односите со Израел по операцијата на израелските командоси во мај 2010 година – јавно извинување, исплаќање отштета и укинување на блокадата на Појасот Газа.