Пред 25 години Израел и Јордан потпишаа мировен договор со што официјално заврши децениската војна, но и покрај надежите, односите на двете земји се студени.
Односите помеѓу Израел и Јордан се одбележани со недоверба, разочарување и пропуштени можности.
Договорот е потпишан на 26 октомври во долината Арава на церемонија на која присуствуваа тогашниот премиер на Израел, Јацик Рабин, покојниот јордански крал Хусеин и поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон.
Лидерите во своите говори ветија добри односи и подобра иднина.
Така Јордан стана втора арапска земја, по Египет, која има договор за мир со Израел.
Кралството управуваше со Западен Брег и Источен Ерусалим до Шестдневната војна во 1967 година.
Кралството и понатаму е заштитник на муслиманските свети места во Ерусалим, но Јорданците се жалат дека Израел не ги почитува и се обидува да го јудаизира Светиот град во целост.
За голем број Јорданци еврејската држава и понатаму е непријател.
Во Јордан живеат 9,5 милиони жители, а повеќе од половината се со палестинско потекло.
Кралот Абдулах Втори повеќепати мирот со Израел го оцени како „студен и сè поладен“, предупредувајќи дека Ерусалим, каде што се наоѓа најсветото место во јудаизмот и џамијата Ал Акса, трета по значење во исламиот, е „црвена линија“.
Членовите на Хашемитската династија, на која ѝ припаѓа монархот, тврдат дека се директни потомци на пророкот Мухамед.
Статусот на Ерусалим е едно од најексплозивните прашања во израелско-палестинскиот судир.
Израел го освои Источен Ерусалим од Јордан во споменатата војна и подоцна го анектира, што меѓународната заедница никогаш не го призна.
Во декември 2017 година претседателот на САД, Доналд Трамп, го призна Ерусалим како израелски, што предизвика гнев кај Палестинците бидејќи тие планираа Источен Ерусалим да биде главен град на нивната идна држава.
Покрај тоа премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, во најновата изборна кампања вети дека ќе ја анектира долината Јордан, ако повторно биде на таа функција.
Од парламентарните избори на 17 септември нема јасен победник и Нетанјаху, кој прв доби мандат за состав на владата, во понеделникот му го врати мандатот на претседателот на Израел, Рувен Ривлини.
Претседателот таа задача потоа му ја довери на ривалот на Нетанјаху, поранешниот командант на израелската војска Бени Ганц.
Неколку економски проекти се договорени помеѓу Израел и Јордан, но по потпишувањето на договорите тие не се реализирани, а меѓу другите и за изградба на заеднички аеродром, канал што ќе ги поврзува Црвено и Мртво Море и индустриска зона.
Сега се затвора и симболот на мировниот договор Нахарајим парк и во него „Островот на мирот“, што се смета за соодветен одраз на односите помеѓу двете земји.
Иако мировниот договор е во сила, впечатокот на двете страни е дека требало да донесе многу повеќе.
Пензионираниот судија на Врховниот суд на Израел, Елијаким Рубонштајн, кој беше главен преговарач за мирот, изјави за Израелското радио дека постојат работи што Израел би можел да ги направи поради подобра атмосфера и сугерираше да се покаже повеќе почит кон источниот сосед.
Договорот на Израел му го донесе потребниот мир долж најдолгата граница на таа земја и ја зацврсти позицијата на Јордан како клучен сојузник на Западот во едно од најчувствителните подрачја на светот.
Покрај тоа двете земји одржуваат блиски тајни безбедносни односи, а Израел светски лидер во десалинизација, обезбедува големо количество вода за Јордан, една од најсушните земји во светот и договорена е продажба на израелскиот природен гас.
Топлите односи најавени на церемонијата на потпишувањето меѓутоа останаа недостижни и во Јордан има мала јавна поддршка на тој договор, а на врвот од листата е незадоволството поради израелско-палестинскиот мировен процес.