Изборот на нов претседател на Италија закана за нова политичка криза

Од:

Изборот на наследник на Џорџо Наполитано,кој поднесе оставка на функцијата италијански претседател може да предизвика нова политичка криза во Италија, која би можела да значи и одржување на предвремени парламентарни избори.

Наполитано, кој има 89 години, минатата недела најави дека нема да може да остане до крајот на својот втор, претседателски мандат, што истекнува во 2020 година поради нарушено здравје.

Тој минатата година, прифати уште еден претседателски мандат и покрај поодминатите години само за да се избегне криза и политичка блокада, што ќе настанеше околу изборот на нов шеф на државата, поради сегашниот распоред на политичките сили во италијанскиот Парламент.

По последните парламентарни избори, двата главни политички блокови на левиот и на десниот центар освоија приближно еднаков број гласови, што предизвика проблеми околу создавањето на владата, а подоцна и околу изборот на претседател.

Таа состојба се надмина со вештата посредничка улога на Наполитано во надминувањето на политичката блокада, без одржување нови избори, со создавање на „голема коалиција“. Во Рим се верува дека евентуалните нови избори, на почетокот од 2013 година, ќе предизвикаа голема штета на започнатиот процес за економска стабилизација на Италија, по кризата во која се најде земјата.

Во такви услови, тој тогаш прифати уште еден мандат иако беше јасно дека не ќе може да остане уште седум години на претседателската функција. По неговиот втор избор во Парламентот, Наполитано и самиот рече дека ќе остане на функцијата само до стабилизирањето на политичките состојби во земјата.

Сегашното негово повлекување, само една година по повторниот избор, одново ги отвора проблемите кои постоеја и минатата година, затоа што доколку Парламентот не може да избере нов претседател во четирите кругови гласање ќе мора да има парламентарни избори.

Италијанскиот премиер Матео Ренци од Демократската Партија на левицата, изјави дека верува оти новиот претседател може да се избере во четвртиот круг и дека ќе нема потреба од избори, иако негови сопартијци стравуваат од избувнувањето на нова политичка криза.

Засега не се знае како ќе реагира блокот на Десниот центар, иако сегашнава ситуација е подобра за левицата, од лани, затоа што десницата се подели по недоразбирањата што избувнаа меѓу Силвио Берлсукони и другите од десниот центар. Берлускони ја реактивира својата партија Форца Италија која дејствува сама, иако сега, по неговото осудување, таа ја нема силината и влијанието што ги имаше порано. Сепак, станува збор за политички фактор на кој премиерот Ренци ќе мора да се смета.

По оставката на претседателот, Долниот дом на италијанскиот Парламент мора во рок од 15 денови да определи датум за изборот на нов претседател. Шефот на државата го избираат 1009 членови на Парламентот и претставниците на сите региони во Италија. Во првите три круга од гласањето е потребно двотретинско мнозинство, но во последниот четврти круг доволно е и просто мнозинство.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Авион се запали пред полетување во Италија, итно евакуирани патниците

ВИДЕО: Четири гуми на авион на Рајанер пукнаа при слетување, колапс на аеродромот во Бергамо

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Експлозија во Италија: Се урна цела зграда, загинаа деца

Предраг Петровиќ

Американка која сама патува низ светот открива: „Не се чувствував безбедно во Албанија“

Предраг Петровиќ

Звезда без навивачи против Интер и Милан, италијанската полиција ќе ги запре Делиите

Предраг Петровиќ

Татко и син од Хрватска удриле со автомобил во камион во Италија, двајцата починале