Изборите во Холандија на 15 март

Од:

Сошл Јуроп – Прага

На Герт Вилдерс му прогнозираат победа на парламентарните избори во Холандија на 15 март. Неговата Партија за слободата (PVV) навистина води во анкетите, за што придонесе и „Ефектот на Трамп” и судските процеси водени против Вилдерс. Многу европски лидери на радикалните десни популистички партии, победата на Доналд Трамп ја дочекаа како најава на сопствени победи на овогодишните избори во Холандија, Франција и Германија. Од сите нив прв на гласачките места излегува Герт Вилдерс, со надеж дека тивкото мнозинство поверувало во неговите популистички пораки.

Неговиот наратив е засилен од еуфоријата која во врска со неговата програма ја шират некои холандски медиуми.

PVV е во блага предност во однос на конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (VVD), иако малку е веројатно дека зголемената поддршка на PVV е последица само од резултатот на американските избори, медиумите на тоа упорно инсистираат. Но победата на Трамп влијаеше на холандските медиуми на еден друг начин. Преовладуваше верувањето дека треба да се излезе во пресрет на незадоволните гласачи, по угледот на американските медиуми кои го ублажија својот однос кон следбениците на Трамп. Директорот на јавниот сервис NPO неодамна рече дека високо образованите, космополитски мажи и жени доминираат во дебатните емисии, додека т.н. обични луѓе се запоставени.

Ова самоказнување на медиумите како оружје на елитата првпат е забележано во времето на ненадејниот успех на десничарската листа Pim Fortuyn (LPF) на изборите во 2002 година. Ако е ова единствена лекција која нашите медиуми се во состојба да ја научат, тогаш PVV, партија која тврди дека ги претставува т.н. обични луѓе, сигурно ќе победи.

Вилдерс на 9 декември минатата година на суд беше прогласен за виновен за изјава дадена во март 2014 година, кога својата публика ја праша дали сакаат „многу помалку Мароканци”. Судењето се приведуваше кон крајот во чиј тек веќе беше почната предизборната кампања и Вилдерс тоа вешто го искористи. Неговата популарност порасна по неговата јавна одбрана на судењето на 23 ноември. И судењето во 2011 година доведе до пораст на поддршката на неговата партија. Победата на Доналд Трамп кој мексиканските граѓани ги нарекуваше „силувачи и криминалци” го зајакна имиџот на Вилдерс како жртва на заговор од елитата да го замолчат.

Тој доминира и од други аспекти на оваа предизборна кампања. Овие избори тој ги сведува на трка меѓу само двајца кандидати, на себе и актуелниот премиер Марк Руте, лидер на VVD. Со тоа изгледа се согласуваат и медиумите. Холандскиот јавен сервис NPO веќе ја закажа дебатата меѓу Вилдерс и Руте, иако до сега важеше правилото во ТВ дебатите да учествуваат претставници на најмалку четири партии.

Инсистирањето на одлучување меѓу само две партии оди во прилог на PVV и VVD, бидејќи со тоа се охрабрува стратешкото гласање на штета на другите партии.

Но, тоа нема да оди мазно. Голем проблем на Вилдерс е неговата политичка изолација. Премиерското место на холандската фрагментирана политичка сцена во голема мера зависи од способноста на основање на големи коалиции, при што мнозинството во Сенатот, горниот дом на парламентот, бара комбинација на повеќе од три партии. Но Вилдерс свесно игра на улога на аутсајдер. Кога во 2010 година PVV ја поддржа првата влада на Марк Руте, тој направи големи програмски отстапки. Но, откако во 2012 година излезе од владата, наместо соработка одбра изолација.

Неговата изборна програма за 2017 дополнително го оддалечуваше од етаблираните партии и содржи предлози во спротивност со меѓународното право и холандскиот Устав. PVV сака да го укине правото на азил, ветува затворање на границите за имигрантите од муслиманските земји, затворање на џамиите и забрана на исламистички училишта. Вилдерс тврди дека другите партии ќе го поддржат откако ќе го освои мнозинството, но за сега само VVD остава отворена можност за коалиција со PVV.

Политиката на изолација е голема пречка за доаѓањето на власт на Вилдерс. Пресврт е можен, што покажува и победата на Трамп, но PVV е добро позната партија која веќе го искуси ограничувањето на својата програма. На врвот на бегалската криза во периодот 2015/2016 година PVV достигна најголема популарност во својата историја. Анкетите сега и предвидуваат освојување на 35 од 150 места во парламентот. Дури и ако успее до изборите да ја зголеми поддршката, ќе остане далеку под мнозинството од 76 места. Би било големо изненадување ако политичар без коалициски потенцијал победи на изборите во холандскиот раситнет повеќепартиски систем.

Авторката е професорка по политички науки на Универзитетот во Амстердам.

Би можело да ве интересира

Холандскиот непријател број еден по грешка е ослободен од затвор

Горан Наумовски

Холанѓанец ја тужи државата и полицијата бидејќи го ставиле на списокот на потенцијални терористи

Холандија и дава уште 400 милиони евра на Украина

(ВИДЕО) Заложничка криза во бар во Холандија: Ослободени тројца заложници

Орце Костов

(ВИДЕО) Драма во Холандија: Луѓе заробени во кафуле, наредена итна евакуација

Судир меѓу полицијата и семејствата на исчезнатите во Ротердам: Уапсени двајца мажи