Гласачите во Киргистан масовно го поддржаа референдумот за уставни реформи, со кои се предвидува зголемување на овластувањата на премиерот и се изјаснија против истополовите бракови.
Одѕивот беше околу 42 проценти, што е доволно резултатите од референдумот да бидат признати за валидни. Според законот, за да биде признат референдум во Киргистан, за него треба да се изјаснат најмалку 30 проценти од регистрираните гласачи.
По пребројувањето на речиси 100 проценти од гласачките ливчиња, за поддршка на уставните измени се 79,6 проценти од гласачите.
Критичари на претседателот Алмазбек Атамбаев тврдат дека резултатот од референдумот може да му овозможи да ја преземе премиерската функција, задржувајќи голем дел од сегашните овластувања, откако неговиот мандат ќе истече следната година. Атамбаев негира дека има такви намери.
Новите промени во уставот ќе му овозможат на премиерот да назначува и отпушта министри и регионални гувернери без да се консултира со претседателот. Премиерот ќе има и одлучувачка улога при подготвувањето на државниот буџет.
Друга промена, што остро е критикувана од страна на Советот на Европа, бракот ќе се дефинира како партерство „меѓу маж и жена”, а не „помеѓу две лица” како досега.