Обединетите нации предупредија дека Судан би можел да биде на работ на сеопфатна војна откако во воздушен напад изминатиот викенд загинаа десетици луѓе.
Најмалку 22 лица загинаа, а многу се повредени во гранатирање рано во саботата, соопшти тамошното Министерство за здравство, додека повеќемесечните борби меѓу ривалските воени сили на Судан продолжија да беснеат низ целата земја.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш рече дека бомбардирањето во текот на викендот е показател дека Судан сега е „на работ на граѓанска војна од целосен обем“, според Си-Ен-Ен.
„Генералниот секретар останува длабоко загрижен дека тековната војна меѓу ривалските вооружени сили го турна Судан на работ на целосна граѓанска војна, потенцијално дестабилизирајќи го целиот регион“, се вели во соопштението од канцеларијата на Гутереш во кое се осудува воздушниот напад.
Во соопштението се вели дека Гутереш е „згрозен“ од извештаите за големи насилства и жртви низ Дарфур, изразувајќи загриженост за новите конфликти во некои од најтешко погодените држави во Судан, во кои е забележано големо раселување на цивили.
„Постои целосно непочитување на хуманитарното право и законот за човекови права што е опасно и вознемирувачко“, се додава во соопштението.
Гутереш ги повика суданските вооружени сили (САФ) и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) – две завојувани фракции кои се борат за контрола во Судан – да ги прекинат непријателствата. РСФ ја обвини САФ за воздушниот напад во саботата, опишувајќи го како „најжестоко воздушно бомбардирање на невини граѓани“, со што бројот на загинати е 31.
Жестоки борби меѓу ривалските групи избувнаа во април, при што имаше стотици мртви и илјадници повредени.
Бројките на Меѓународната организација за миграција на Обединетите нации (ИОМ) велат дека речиси 2,8 милиони луѓе избегале од Судан, многумина без пасоши, во соседните земји како Египет, Етиопија и Либија.