Федералната администрација за воздухопловство на САД нареди итна инспекција на авионите Боинг 777 откако во саботата делови од моторот на еден од тие авиони паднаа во близина на станбени згради во Колорадо, напиша на Твитер, директорот на ФАА, Стив Диксон.
Тој додаде дека ќе се врши контрола на моторите „Прат и Витни ПВ4000“ (Pratt & Whitney PW4000), како и дека на авионите Боинг 777 им е забрането да летаат.
Делови од авион на „Јунајтед ерлајнс“ паднаа во предградие на Денвер, по што Боинг 777-200 беше принуден да се врати на аеродромот, бидејќи по полетувањето се запалил десниот мотор.
Во авионот имало 231 лице и 10 членови на екипаж, а сите патници биле пренесени на друг лет за Хаваи.
Локалната полиција објави фотографии на Твитер од делови што паднале покрај куќа, 40 километри северно од центарот на Денвер.