Во Советот за безбедност на Обединетите нации се одржува итен состанок поради наводниот хемиски напад во Сирија.
Специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура го започна состанокот за наводниот напад во кој е користено хемиско оружје и повика на независна истрага.
Потоа збор зеде рускиот претставник во ОН, Василиј Небензија, кој наведе дека Русија е длабоко загрижена поради фактот дека некои страни, како на пример САД, но и Велика Британија и Франција кои слепо го пратат Вашингтон, се ангажирале против Русија и Сирија без никакво оправдување.
Според рускиот амбасадор, Москва се соочува со клеветење, санкции, уцени, дури и закани.
– Дрско е заканувањето кон Русија. Тонот со кој што тоа се прави е на границата на дозволеното. Ваков безобразлук немаше ниту за време на Студената војна, додаде тој.
Небензија нагласи дека секој пат кога Западот се меша во внатрешните работи на други држави, таму настанува хаос. Амбасадорот ги повика припадниците на Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW) да ја посетат Сирија. Како што изјави, сириските и руските трупи ќе им овозможат на агентите да го посетат регионот кој е наводно погоден од хемиско оружје.
Русинот предупреди дека ќе има тешки последици во случај на воздушни нападни на Сирија од страна на западните сили.
Амбасадорката на САД во ОН, Ники Хејли изјави дека дојден е моментот за правда по наводниот напад со хемиско оружје.
– Дојдовме до моментот кога светот треба да види правда, рече таа и додаде дека САД се одлучни да го натераат чудовиштето кое што фрла хемиски бомби да одговара.