Италија ќе биде во целосен карантин за велигденскиот викенд, се наведува во предлог-уредбата во која денеска имале увид некои западни медиуми, додека Владата во Рим се бори против забрзаното ширење на коронавирусот низ целата земја.
Продавниците со помалку потребни производи ќе бидат затворени од 3 до 5 април. Овие денови на Италијанците ќе им биде дозволено да ги напуштат своите домови само поради работа, здравствени проблеми или итни случаи.
Во предлог-уредбата, која треба да биде усвоена подоцна во текот на денешниот ден, се наведува дека од понеделник ограничувањата ќе бидат зајакнати и во жолтите региони, каде ризикот од инфекција е мал. И во нив движењето меѓу градовите ќе биде строго ограничено, а кафулињата и рестораните ќе бидат затворени.
Покрај ограничувањата на државно ниво, Италија управува со мерки во одделни региони врз основа на систем од четири бои со кои ги обележува и кои се ревидираат секоја недела – бела, жолта, портокалова и црвена.
Од вкупно 20 региони, три во јужниот дел на земјата се црвени, 10 се портокалови, шест се жолти, а само Сардинија е бела, според мапата на веб-страницата на италијанската Влада.
Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), во изминатите две недели Италија има просечно 433 нови инфекции на 100.000 жители.
На истата листа, најлоша е ситуацијата во Чешка со 1.572 новозаразени дневно, а Хрватска има 162.