Вкупно 218 италијански парламентарци се изјаснија за легализација на канабисот презентирајќи го денеска нацрт законот за кој се надеваат дека набрзо ќе биде усвоен, и покрај противењето на Владата на премиерот Матео Ренци.
Текстот, што во Парламентот го изложи сенаторот Бенедето Дела Ведова, предвидува легализација на употребата на канабис со дозвола за поседување најмалку 15 грама во домот и пет грама на улица.
На тој начин секој ќе може во својот дом да одгледува пет растенија канабис.
Поттикнувачите на овој проект доаѓаат од сите партии, но главно од левицата и Движењето пет ѕвезди на комичарот Бепе Грило, а својот потег го оправдуваат со неуспехот на репресивните политики.
Тие го наведуваат извештајот на Државната управа за борба против мафијата што го критикува „целосниот неуспех на репресивните акции“ и сугерира неказнување на употребата на лесни дроги „кога е неможно да се зголемат напорите за спречување на оваа трговија“.
Противниците на овој проект во политичкиот свет се бројни. Меѓу нив е и шефот на владата на десниот центар Матео Ренци.
Во десницата силен противник е лидерот на Северна Лига, Матео Салвини.
-Лично сум против тоа, но сум за легализација на проституцијата бидејќи, додека не се докаже спротивното, сексот не прави зло, а канабисот да, рече тој, а го пренесуваат италијанските медиуми.