Италијанската крајбрежна стража соопшти дека одговорила на повикот за помош на бродот за спасување, финансиран од британскиот уличен уметник Банкси и од него евакуирала 49 мигранти.
– Со оглед на опасната ситуација, крајбрежната стража испрати патролен брод од островот Лампедуза, кој зема 49 лица во најлоша состојба – 32 жени, 13 деца и четворица мажи, се вели во соопштението на крајбрежната стража.
И посадата на бродот „Луис Мишел“ на Твитер потврди дека италијанската крајбрежна стража евакуирала 49 најранливи мигранти.
– Тие исто така го однесоа и телото на починатото лице кое починало пред екипажот вчера да стигне до погодениот гумен чамец. Нека почива во мир, се вели во Твитот на „Луис Мишел“.
Бродот за спасување чии активности ги финансира британски уличен уметник познат под псевдонимот Бенкси, од вчера упатуваше итни повици за помош од водите на Медитеранот, каде сè уште се наоѓа.
Во објавите на Твитер од синоќа и денеска, членовите на екипажот предупредуваа дека бродот е преоптоварен поради големиот број мигранти кои се наоѓаат на него.
Бродот „Луис Мишел“, именуван по една француска анархофеминистка, минатата недела испловил во своја мисија и сега се обидува да најде безбедно пристаниште за 219 мигранти кои се качиле во областа во близина на либискиот брег.
Укажувајќи на влошената состојба на бродот, десетчлениот екипаж залудно апелираше до властите на Италија, Малта и Германија да помогнат.
– Се доближуваме до вонредна состојба, веднаш ни треба помош, се наведува во една од објавите на Твитер, во која исто така се истакнува дека во бродот има и тело на починат мигрант.
Во друга објава се наведува дека бродот веќе не е во можност да се движи и „не е господар на својата судбина“, поради преоптоварувањето на палубата и сплавот за спасување закачен за него, но пред сè затоа што „Европа ги игнорира итните повици за помош“.