Италија: Најтешко од Втората светска војна, депресија и многу леб

Од:

РТС

Помина точно една година откако очите на светот беа вперени во Италија, каде се случуваше нешто досега невидено. Целата земја се „заклучи“ на 9 март 2020 година.

По Милано и Ломбардија, која стана црвена зона два дена претходно, и фудбалскиот натпревар Јувентус – Интер, кој првпат се играше без публика, тој 9 март Италија првпат се запозна со англискиот збор „локдаун“, кој луѓето во целиот свет ги следи до денес.

На Италијанците им беше забрането да излегуваат од своите домови, каде бараа засолниште од Ковид-19.

Година која Италијанците нема да ја заборават, најтешка година по Втората светска војна. Година на тишина, празни улици, редови пред продавниците, година на исчекувања, далечина и страв.

Прва година на Ковид-19, која полека се претвора во втора, и не се знае кога се ова ќе заврши.

Година во која Италијанците ниту во еден момент не ги извадија маските ниту на отворен, ниту на затворен простор, каде сапунот и средствата за дезинфекција станаа најбарани производи, каде е забрането да се излезе надвор од 22 до пет часот.

„Надвор беше пролет“ е името на филмот на Габриел Салваторес, кој во овој документарен филм претстави како „живата и бучна Италија се претворила во тивка пустина“.

Тишина која била прекината од звуците на возилата за итна помош кои минувале низ улиците, тишина која им дала простор на звуците кои инаку не се слушаат, како на пример цвркотењето на птиците, водата во фонтаните и осамените велосипедисти кои носат храна низ празните италијански градови.

Отсуството на луѓе ги извади животните во парковите и во близина на куќите, од каде граѓаните масовно виореја чаршави на кои пишуваше „Ќе биде се во ред“, пеејќи, запознавајќи се, играјќи тенис преку терасите.

Италијанците, иако раздвоени, најдоа начин како да бидат блиску едни до други. Се покажа неверојатна солидарност кон највозрасните, осамените, луѓето кои останаа далеку од своите семејства.

Раскажување приказни преку телефон, собирање храна за оние кои останале без работа, пазарење во маркети за највозрасните, на кои нема кој да им набави храна, згрижување на домашни миленичиња во своите домови додека сопствениците им се в болница.

Преполни оддели за интензивна нега, пациенти сместени во ходници и лифтови, фотографии од пациенти кои лежат на стомак или приклучени на респиратор.

Локдаунот во Италија траеше од 9 март до 18 мај, италијанските градови од воздух изгледале како по апокалипса, не можело да се види никој освен полицијата и војската.

Целиот свет ја следеше „Ubi et orbi“ на папата Франциск на сосема празниот Плоштад Свети Петар, како и концертот на Андреа Бочели од празната Миланска катедрала.

Никогаш не се правело толку леб

Италијанците никогаш нема да ги заборават сликите од долгите колони на воени камиони кои низ пустите и мрачни градски улици превезувале мртовечки сандаци на починатите жители на Бергамо, за кои веќе немало место на гробиштата.

Училиште онлајн, забави и аперитиви секој во својот дом, прославување дипломи, готвење преку интернет: никогаш не се правело толку леб и пици како тогаш и никогаш не било потешко да се најде брашно и квасец.

И никогаш повеќе не се вежбало, становите станаа приватни фитнес центри, „Нетфликс“ и „Амазон прајм“ беа омилените места во кои Италијанците се криеја гледајќи ги своите најомилени серии, а единственото излегување, освен она во маркет и аптека, било 200 метри околу зграда и прошетка на домашното милениче, а понекогаш и џогинг.

Во меѓувреме Италијанците ја открија работата од дома и се обидуваа да ги одржуваат своите состаноци преку Зум, децата учеа на далечина, што често им претставуваше проблем. Младите се соочија со осаменост и со фактот дека онлајн светот би можел да стане нешто кое веднаш би го оставиле и би го замениле со прегратка на пријателот.

Зголемена депресија, агресија и желба за забава

Се зголеми депресијата, агресијата и желбата за забава, прошетки и човечки контакти. Телевизиските емисии ги исполнија вирусолози, луѓето чекаа 18 часови за да го слушнат извештајот на Кризниот штаб, кој секој ден објавуваше вознемирувачки податоци.

Точно една година од првиот локдаун, во Италија денес постои опасност за воведување нов.

Бројот на починати во оваа земја надмина 100.000, многу региони се во црвена зона, а многу се подготвуваат за истото.

Земјата се плаши од новите мутации на вирусот и веќе нема оптимистички мислења дека со приближувањето на летото се ова може да исчезне.

Иако во Италија е во тек вакцинација со вакцината на „Фајзер“ на населението кое е на возраст над 80 години, како и на просветните работници со вакцината на „АстраЗенека“, сепак медиумите пишуваат дека „војната се уште не е завршена“.

Италијанците се уморни, градовите веќе не се она што беа, затворени се многу историски локали, веќе една година не работат театрите, кино салите и нема културни настани, а во маркетите може да влезе само еден член од семејството.

Би можело да ве интересира

Се урна лифт во станбена зграда, повредени две жени и три деца во Палермо

Откриена е мафијашката мрежа Камора и Коза Ностра, една трага води до Балканот

Матарела повика на отстранување на бариерите кои го попречуваат влезот на италијанските производи на кинескиот пазар

Предраг Петровиќ

Силен земјотрес го погоди југот на Италија

ВИДЕО: Поплави, свлечишта, затворена железница и училишта во Италија

(ВИДЕО) Израел ги налути сојузниците: Престанете да пукате на силите на Обединетите нации

Катерина Ѓуровски