Германската федерална канцеларија за заштита на конкуренцијата започна истрага против компанијата „Фејсбук“ поради сомнеж за злоупотреба на пазарната моќ во врска со прекршување на законите за заштита на приватни податоци.
Како што јави дописникот на МИА од Берлин, во Германија ова е прв случај на истрага против социјална мрежа за вакво кривично дело.
Германските власти се сомневаат дека условите под кои „Фејсбук“ го дава своите услуги во врска со начинот на користење на нивните податоци можат да бидат злоупотребени поради доминантната положба на компанијата на пазарот на социјални мрежи.
Со над 1,6 милијарди корисници месечно, Фејсбук е најголемата социјална мрежа во светот, која заработува со рекламирање врз база на податоци, мислења и активности од своите корисници.
Првиот човек на државната канцеларија за картели, Андреас Мунт вели дека во фирми каде што се заработува од рекламирање, приватните податоци на корисниците се многу важни.
Оваа институција се сомнева дека корисниците не се соодветно инфомирани за начинот на користење на нивните податоци со што можно е да се прекршува германскиот закон за заштита на приватни податоци.
Речиси 84 проценти од сите корисници на Фејсбук се надвор од САД и Канада, а од нив најголем број се во Евроазија. Втората најголема социјална мрежа на светот кинеската Тенсент нема голем број корисници во Германија, поради што таа не е предмет на истрага.
За време на својата посета на Берлин основачот на Фејсбук, Марк Цукерберг изјави дека неговата компанија работи со согласност со законот и дека се надева на соработка со германските власти во расчистување на сите отворени прашања.