Источна Азија може да потоне во мракот на теророт

Од:

Утро – Москва

Организацијата Исламска држава (ИД) постепено ги напушта Сирија и Ирак. Рака и Мосул остануваат последните упоришта на џихадистите, но прашање на време е кога и тие ќе им бидат одземени. Каде ќе пламне новото жариште на екстремизмот?

Во последно време светските медиуми се почесто објавуваат вести за пропагатори на ИД во Југоисточна Азија. Повеќе пати Кинези Ујгури, кои војуваат на страната на исламистите во Сирија, се закануваа дека ќе пролеат реки крв во Небесната Империја.

Од друга страна, австралиската министерка за надворешни работи Џулија Бишоп постојано предупредува на обиди да биде создаден „Калифат“ во Југоисточна Азија. Колку се реални ваквите закани?

Одметништвото на Ујгурите

На почетокот на март, на интернет беше објавен морничав видео клип – Ујгури од југозападната кинеска провинција Сингјанг, кои се приклучиле на ИД, ветуваа елиминирање на сите „неверници“ кои живеат во земјата. Потоа го запалија портретот на претседателот на Кина, Си Џинпинг. Снимката содржеше призори од обука на борци Ујгури и на киненска територија и во Сирија.

Пекинг веднаш реагираше. Уште на 2 март кинеската полиција и Воздухопловството организираа воени вежби, истовремено во три окрузи во Сингјанг – Ујгурскиот Автономен Регион. Беа извршувани борбени задачи за спречување на терористички напади на локано ниво и за ослободување на заложници.

Освен тоа, полицијата вети големи награди за секое пријавување на терористи. Според информациите, дури само ако некој пријави за сомнителни брадести мажи или жени кои си ги покриваат лицата со шалови или носат долги наметки, предвидени се награди од вкупно 100 милиони јуани (14,5 милиони долари).

На крајот, кинескиот лидер Си Џинпинг лично нареди да биде изградена железна ограда околу Сингјанг, за да не помине ниту еден терорист.

Раководството во Кина не ги презема тие сурови мерки туку-така. Тие има од кого да се плашат. Неколку стотици Ујгури заминале за Сирија и Ирак, каде се вклучиле во одредите на Исламска држава. А голем број на приврзаници на џихадистите останале и во Небесната Империја.

Од сепаратирсти до терористи

Ујгурите уште од прастари времиња живеат во земјите на денешна Кина. По вероисповед се муслимани сунити. По влегувањето на Сингјанг во составот на Кина во 1949 година, ујгурските сепаратисти постојано се борат за независност. Судирите со полицијата зачестија особено во првата деценија од 21-иот век.

Во 2007, исламисти се судрија со силите на редот во околијата Акто. На 5 јули 2009, при задушување на ујгурски безредија во Урумчи официјално загинаа 120 лица, а според неофицијални податоци речиси 600. Тие судири поттикна дел од сепаратистите да стапат во контакт со радикални исламистички движења. По неколкугодишното затишје следеа крвави терористички атентати.

На 1 март 2014 година, терористи од Сингјанг извршија напад врз станица во градот Кунминг. Со ножеви бија 29 луѓе, а беа ранети над 130.

На 22 мај истата година екстремистите со два џипа влетаа во толпа народ на пазарот во Урумчи, а потоа фрлија бомби врз луѓето. Загинаа 39 лица, а 94 беа ранети.

И неодамна, на 15 февруари годинава, терористи со ножеви нападнаа луѓе во градот Хотан. Заклаа осум лица, а 10 беа ранети. Тројцата напаѓачи беа застрелани од полицијата.

Реална опасност

Ујгурите можеби се одмаздуваат поради крвавото задушување на нивните протести од јули 2009. На почетокот на март, американското списание „Милитари Тајмс“, објави дека кинески вооружени сили влегле во Авганистан. Според списанието, кинески војници заедно со авганистанската армија се судриле со исламисти на авганистанско-кинеската граница. И нивни противници биле истите оние Ујгури кои претходно се приклучиле на ИД.

– Ситуацијата со Ујгурите е многу сериозна, предупредува Наталија Рогожина, висок научен соработник од Институтот за светска економија и меѓународни односи при Руската академија на науките.

– Заканите од ИД реално се закана за политичката ситуација во Кина. Особено со оглед на сепаратистичките тенденци во Сингјанг, реон кој воглавно е населен со Ујгури муслимани, посочува експертката.

Ујгурските терористи навистина се опасни за Кина, смета и Андреј Грозин, началник на Одделот за Казахстан и Централна Азија при Институтот за земјите од Организацијата на независни држави.

Според него, во ИД се создаваат одреди составени по етнички принцип. И ништо чудно борците кои преживеале во Сирија и Ирак, да се враќаат во Кина за таму да водат герилска војна.

Повеќето експерти всушност се на мислење дека во блиска иднина Ујгурите нема шанса да преземат некој град, а камо ли да освојат цел регион од армијата на Кина. Силите им се неспоредливо помали. Бунтовниците најверојатност ќе преминат во илегала и ќе се приклучат на тактиката на терор.

ИД може да ги пополни своите одреди не само од Сингјанг. Сепаратистите во соседен Мјанмар исто се борат за независност. Илјадници бегалци муслимани избегаа во Бангладеш и Кина, каде може да се претопат во екстремистички религиозни движења.

Немирна е и ситуацијата на Филипините, каде дејствува терористичката групација Абу Сајаф. Во 2014, нејзиниот лидер Иснилон Тотони Хапилон положи заклетва на верност кон водачот на џихадистите од ИД, Абу Бакр ал Багдади.

Засега терористичките напади во Југоисточна Азија изгледа се изолирани случаи. Но, алармантно е што во пракса во секоја земја од регионот, било тоа да е Кина, Филипините или Мјанмар, вооружени радикали држат територии каде можат да очекуваат заедничка поддршка. А тоа е многу значајна претпоставка за создавање на терористичка држава.

Би можело да ве интересира

Петмина тинејџери обвинети за тероризам по нападот со нож во црквата во Сиднеј

Две лица се повредени во терористички напад во Ерусалим

Тројца тинејџери уапсени во Германија под сомнение дека планирале напад

Снимки од апсењето на терористите во Русија, откриени и нивните имиња

А1он

Во Њујорк: Автомобил полн со канти со бензин удри во луѓе, загинаа две лица, а петмина се тешко повредени

Горан Наумовски

EУ стравува од терористички напади, најголемата закана се напаѓачите „волци“