Џихадистите во Мали се заканија дека ќе ја удрат Франција „во срцето“, пренесоа француските медиуми.
-Франција го нападна исламот. Ние ќе ја удриме оваа земја право во срцето. Во името на Алах, ние ќе го направиме тоа, изјави Абу Дардар, еден од претставниците на исламистичкото Движење за единство и џихад во западна Африка.
Запрашан што точно има во предвид кога кажува „во срцето“, Дардар возврати: „Насекаде, во Бамако, во Африка и во Европа“.
Дардар подвлече дека денеска исламистите ќе дадат и соопштение за судбината на осумте француски заложници во Сахел.
Франција, која соопшти дека води војна против тероризмот во Мали, во петокот го блокира напредувањето на исламистите од северно Мали кон централните делови на земјата. За прв пат Франција во неделата ги бомбардираше исламистички позиции во северните делови на земјата, кои подолго време беа под контрола на џихадистите, поточно реоните Гао и Кидал.
Во воздушните напади само во градот Гао, главен град на истоимениот реон, биле убиени над 60 џихадисти, прецизираат француските медиуми.