Борците на исламистичката група Боко Харам денеска ја нападнаа фабриката за цемент на француската компанија „Лафарж“ во североисточна Нигерија, што беше напаѓана и во текот на ноември, соопштија француските медиуми, повикувајќи се на очевидци.
Во денешниот напад нема жртви, прецизираат агенциите.
Вооружените лица упаднале во градот Ашака, во североисточната држава Гомбе. Притоа, тие скандирале „Алах е голем“ и пукале врз сите автомобили во непосредна близина.
– Напаѓачите се насочија кон фабриката за цемент и од неа ги украдоа сите превозни средства, раскажа локален жител.
Според вработен во фабриката, работниците успеале да избегаат непосредно пред нападот.
Пред да упаднат во Ашака, екстремистите го нападнале и блискиот град Баџога. Десетици вооружени борци во воени униформи утринава навлегле во градот со колона од 20 автомобили и со повиците „Алах е голем“. Напаѓачите пукале кон полициската станица, која подоцна ја запалиле, по што се впуштиле во борба со силите на редот. Битката траела околу три часа, наведуваат очевидци.
– Тие нападнаа и ограбија две банки и ги запалила локалните централи на политичките партии, а, исто така, запалија и некои административни згради, раскажа очевидец на настанот.
Исламистите во понеделникот изведоа крвав двоен напад врз градовите Мајдугури и Даматуру. Според полицијата и локалните извори, во нападите беа убиени околу 150 лица.