Иранските демонстранти упаднаа рано изутринава во Амбасадата на Саудиска Арабија во Техеран, гневни поради тоа што Ријад го погуби истакнатиот шиитски свештеник Нимра ал Нимра.
Демонстрантите, кои во знак на протест се собраа пред Амбасадата, упаднаа во зградата и почнаа да пукаат, по што интервенираше полицијата и успеа да ги оддалечи од објектот.
На фотографиите, кои се појавија на Твитер се гледаат делови од внатрешноста на саудиската Амбасада во пламен и уништени парчиња мебел.
Набргу по нападот иранското Министерство за надворешни работи издаде соопштение во кое демонстрантите ги повикува на мир и почитување на дипломатските објекти.
Шефот на техеранската полиција Хосеин Саџединија изјави дека неодреден број „уривачки елементи“ се уапсени поради напад врз Амбасадата со петрол бомби и камења.
Иранската Револуционерна гарда се закани со „тешка одмазда“ на саудиската сунитска кралска династија поради вчерашното погубување на Нимра, кого Ријад го смета за терорист, но кој во Иран е славен како заговорник за правата на маргинализираното шиитско малцинство во Саудиска Арабија.
Нимра, најгласен критичар на саудиската династија меѓу шиитското малцинство важеше за лидер на младите шиитски активисти, кои повеќе не го толерираат неуспехот на постарите, умерени лидери во постигнувањето на рамноправноста со сунитското население.
Иако повеќето од 47 мажи, кои беа убиени во најголемото масовно погубување во Саудиска Арабија во изминатите децении, беа сунити осудени поради напади на Ал Каеда во Кралството пред десет години, случајот на Нимра и на уште тројца шиити, кои беа обвинети за вмешаност во вооружен напад врз полицијата привлече најголемо внимание во регионот и во светот.