Првиот човек на иранската Организација за поморски сообраќај и пристаништа, Џалил Еслами, денеска изјави дека со Велика Британија се разменети некои документи за ослободување на супертанкерот „Грејс 1“, што превезуваше иранска нафта и кого Кралската морнарица минатиот месец го заплени на Гибралтар, јави Фена.
-За запленувањето на танкерот кај Гибралтар не беше понудена ниту една јасна причина, рече Еслами на прес конференција.
Тој, исто така, соопшти дека Велика Британија покажала интерес за решавање на ова прашање, така што документите се разменети. Изрази надеж дека наскоро проблемот ќе биде надминат и дека бродот ќе може да исплови со иранско знаме.
Еслами за Ирна изјави дека иранските танкери и трговските бродови редовно пловат во меѓународните води.
Говорејќи за заплентиот ирански танкер како за прекршување на меѓународните поморски закони и за американкото инсистирање за формирање коалиција која ќе ги следи бродовите што пловат низ Перисксиот залив, Еслами кажа дека САД и Велика Британија на тој начин почнале пропагандна војна против неговата земја.
-Тие имаат намера да создадат коалиција од 60 држави, но откако излегоа со предлогот не им се приклучи ниту една држава, освен ционистичкиот режим, што значи дека американските планови пропаднаа, рече Еслами.
Тој уште кажа дека и покрај американските санкции кон неговата земја количеството на стоки што се транспортирани низ иранските пристаништа е зголемено за четири отсто.