Полицајци и пожарникари денеска влегоа во парламентот на Хонгконг откако двајца продемократски пратеници прскаа со смрдлива течност во знак на протест поради масакрот на плоштадот Тиананмен во 1989 година , поради што беше прекината седницата за законот, со кој ќе се криминализира непочитувањето на кинеската химна.
Пратениците Еди Чу и Реј Чан за време на дебатата за спорниот закон прскаа со смрдлива течност, поради што беа отстранети од обезбедувањето.
– Убиствената држава секогаш смрди. Тоа што денеска го направивме е да го потсетиме светот дека никогаш не треба да ѝ се прости на Кинеската комунистичка партија за убиствата на своите луѓе пред 31 година, истакна Чу.
Конечното гласање за Законот за химната треба да се случи во текот на денот, додека луѓето во Хонгконг палат свеќи во знак на сеќавање на жртвите од масакрот на плоштадот Тијананмен во 1989 година.
На жителите на Хонгконг им е дозволено да одржуваат комеморации за Тијананмен во Викторија Парк, но годинава е забрането поради пандемијата со Ковид-19.
Законот предвидува затворска казна и до три години за непочитување на химната.