Комисијата за борба против корупцијата на Тајланд, која делува како тело именувано од воената хунта, денеска покрена постапка за импичмент на 250 пратеници од последниот избран Парламент, распуштен во мај минатата година по воениот удар во државата.
Пратениците се од тогашната мнозинска Пеу Таи партија на сменетата премиерка Јинглук Шинаватра.
Ако сегашното Национално законодавно собрание ги прогласи за виновни, на поранешните пратеници им следува забрана за политички активности во период од пет години. Собранието, составено претежно од претставници на армијата, ќе утврдува колку била неуставна одлуката на Парламентот од 2013 година, според која, сите членови на законодавното тело мора да добијат мандат на избори, без право на кралската куќа да делегира свои кандидати.
Општа е оценката дека овој потег се прави за да се елиминира политичкото влијание на Пеу Таи партијата со која раковди кланот на семејството Шинаватра и која од 2001 година победува на изборите.
Импичмент беше спроведен и изгласан за поранешната премиерка Јинглук Шинаватра и нејзините најблиски соработници од сменетата Влада. На последната премиерка и се заканува и судење за небрежност во спроведување на политиката за субвенционирање на производството и продажбата на ориз за кои во Тајланд годишно се издвојуваат над 20 милијарди долари.