Имаме вести за Зеленски – Крим го нема, порача советник на Трамп

Од:

Висок советник на новоизбраниот претседател Доналд Трамп најави дека новата администрација ќе се фокусира на постигнување мир во Украина, наместо да им дозволи на Украинците да ја вратат територијата окупирана од Русија.

Брајан Ланза, стратег на Републиканската партија, изјави за Би-Би-Си дека администрацијата на Трамп ќе побара од украинскиот претседател Володимир Зеленски негова верзија за „реална визија за мир“. „Ако претседателот Зеленски дојде на маса и рече „можеме да имаме мир само ако го имаме Крим“, тој ни покажува дека не е сериозен. Крим го нема“, рече Ланза.

Русија го анектираше полуостровот Крим во 2014 година. Осум години подоцна, почна инвазија на Украина и окупираше територија на истокот на земјата. Новоизбраниот претседател на САД постојано вели дека неговите приоритети се ставање крај на војната и запирање на она што тој го карактеризира како трошење на американските ресурси во форма на воена помош за Украина.

Сепак, тој допрва треба да открие како има намера да го направи тоа и најверојатно ќе слушне различни визии за иднината на Украина од различни советници. Ланза, политички советник на Трамп од неговата кампања во 2016 година, не ги спомна областите на источна Украина, но рече дека враќањето на Крим е нереално и „не е цел на САД“.

„Кога Зеленски вели дека ќе има мир само кога ќе се врати Крим, имаме вести за претседателот Зеленски: Крим го нема. И ако тоа е ваш приоритет, да го вратите Крим и американските војници да се борат за враќање на Крим, вие сте препуштени сами на себе“, нагласи Ланза.

Соединетите Држави сè уште не распоредиле американски војници да се борат во Украина. Киев не побара американските сили да се борат во негово име, туку исклучиво американска воена помош за вооружување на сопствените војници.

Ланза истакна дека има огромна почит кон украинскиот народ, кого го опиша како народ со лавовско срце. Но, тој додаде дека приоритетите на Америка се „мир и запирање на убиствата“. „Она што ќе и кажеме на Украина е: „Што гледате како реална визија за мир? Ова не е визија за победа, туку визија за мир и да почнеме со искрен разговор“, рече тој.

Се очекува Трамп да вклучи круг на блиски соработници во мировните преговори. По победата на изборите, Трамп разговарал со Зеленски, а во разговорот учествувал и милијардерот Илон Маск. Извор од кабинетот на украинскиот претседател изјави за Би-Би-Си дека разговорот меѓу Зеленски и Трамп траел „околу половина час“.

„Тоа навистина не беше разговор за многу значајни работи, но генерално беше многу топло и пријатно“, рече изворот. Демократските противници на Трамп го обвинуваат за кокетирање со рускиот претседател Владимир Путин и велат дека неговиот пристап кон војната е еднакво на предавање на Украина што ќе ја загрози цела Европа.

САД беа најголемиот снабдувач на оружје за Украина – меѓу февруари 2022 година и крајот на овој јуни, тие испорачаа оружје и опрема во вредност од 55,5 милијарди долари.

Би можело да ве интересира

Зеленски: На повидок е крајот на војната

Путин потпиша нов закон, простени долгови секому што ќе се пријави да оди во војна

ВИДЕО: Каква е руската хиперсоничната ракета „Орешник“ и колку е опасна

ВИДЕО: Украина загуби над 40 отсто од територија во Курск, Русите напредуваат во Донецк

Трамп размислува да го именува Ричард Гренел за специјален пратеник за руско-украинскиот конфликт

Орбан: Сфатете ги сериозно нуклеарните закани на Путин, не е блеф

Предраг Петровиќ