Илјадници Палестинци на протест против планот на Трамп за анексија на Западниот Брег

Од:

Илјадници луѓе вечерва се собраа во Јерихон во Автономната палестинската територија, на протест против окупацијата на Западниот Брег. „Нема палестинска држава без Долината на Јордан“ и „Палестина не е на продажба“, изјавија илјадниците насобрани  на протестот, најголемиот на Западниот Брег од објавувањето на американскиот план за Блискиот исток кон крајот на јануари.

По објавувањето на американскиот план за Блискиот исток, кој беше остро критикуван од палестинското раководство, досега се одржаа многу помали протести, но овој пат, партијата Фатах на претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас, и покрај епидемиолошките мерки околу новиот коронавирус, повика на масовна мобилизација во Јерихон, кој е еден од најстарите градови во светот.

Планот на американската администрација предвидува Израел да ги анектира колониите со израелски доселеници и долината на реката Јордан, големо земјоделско подрачје на Западниот Брег, и да формира палестинска држава на географски намалена територија.

Палестинското раководство соопшти дека добило меѓународна поддршка за протести против планот,  додека владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху треба да ја објави својата стратегија за спроведување на американскиот план по 1 јули.

„Нема да дозволиме Израел да ја преземе нашата земја“, рече на денешниот протест Камал Саид, вработен во христијанска НВО, кој живее во бегалскиот камп Агабат Јабер, на излезот од градот.

Претставникот на ОН за Блискиот исток, Николај Младенов, исто така, го критикуваше планот на Трамп, повикувајќи ги Палестинците мирно да му се спротивстават.

„Вие не сте тука потстанари, ова е вашиот дом,“ им рече Младенов на Палестинците, барајќи дипломатите да се спротивстават на планот за анексија „не губејќи ни час“.

„ОН сметаат дека анексијата е во спротивност со меѓународното право (…) Доколку се спроведе, тоа ќе значи крај на надежта дека мирот и палестинската држава може да се постигнат преку преговори“, рече Младенов, повикувајќи ги Палестинците да не го „напуштат патот на ненасилството“.

По окупацијата на Западниот брег во 1967 година, Израел подигна и легализира мрежа од населени места што се нелегални според меѓународното право. Денеска повеќе од 450.000 луѓе живеат во еврејските населби на Западниот Брег, а тој број во последната декада се зголеми за речиси 50 проценти, покажуваат израелските податоци.

Европските и блискоисточните земји ја осудија израелската анексија на цели делови на Западниот Брег, но не објавија конкретни мерки. И кинески и руски претставници учествувале на протестот во Јерихон, јавија локалните медиуми.

Би можело да ве интересира

Израел ги презеде трите заложнички од Газа, луѓето радосни на двете страни

Предраг Петровиќ

Нетанјаху потврди: Примирјето стапи на сила

Израелската армија продолжи со нападите врз Газа, несогласувањето со Хамас го одложи прекинот на огнот

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Поддршка за Александар Вучиќ во Скопје

Горан Наумовски

Протести против АфД во Германија, полицијата употреби солзавец против демонстрантите

Вработените од „Улици и патишта“ најавија целосна блокада на градот, доколку не земат плата