Илјадници демонстранти и синоќа се собраа пред резиденцијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху барајќи негова оставка.
Синоќешните демонстрации во Ерусалим, на кои според светските агенции, се собрале десетици илјади луѓе, со неколку мали протести во Тел Авив како и во близина на куќата на Нетанјаху на брегот во Цезареја и десетина други, се најголеми во последните неколку недели.
Илјадници Израелци летово излегоа на улиците за да побараат оставка од премиерот, протестирајќи поради начинот на кој ја води земјата за време на пандемијата на коронавирус, велејќи дека не треба да остане на власт додека му се суди за корупција.
Иако Нетанјаху се обиде да ги минимизира протестите, велејќи дека демонстрантите се „левичари“ и „анархисти“, тие не се намалуваат – Израелците се собираат двапати неделно за да бараат негова оставка.