Илјадници Авганистанци се борат во иранските легии во Сирија

Од:

Ал Џезира – Доха

Иран регрутира десетици илјади авганистански шиитски борци, за да помогнат во нејзините напори во сириската војна, нудејќи им пари за да се приклучат на борбите за спасување на режимот на претседателот Башар ел Асад.

Додека сирискиот судир влегува во петта година од нејзиниот почеток, иранските медиуми известуваат дека околу 20.000 борци се наоѓаат во дивизијата Фатемион, која ја сочинуваат натурализирани Авганистанци кои живееле во Иран и Авганистанци кои допатувале од Авганистан.

– Пред пет дена четворица авганистански шиитски борци беа заробени во јужниот рурален дел на Алепо. Освен ирански борци, таму се наоѓаат и борци кои доаѓаат од Либан, Ирак, Пакистан и од неодамна и од Кина, изјави за Ал Џезира Анас ал-Абдах, секретар на Политичкиот комитет на опозициската Сириска коалиција.

– Иран регрутира борци од шиитските заедници од целиот свет за да се борат во Сирија, додаде ал-Абдах, кој е стациониран во Турција.

Иран себе се смета за единствена референца за целиот шиитски народ во целиот свет. Ги организира во политички, општествени и воени организации и во нивните локални заедници, но и во странство.

Ова е дел од главната мисија на иранскиот режим во врска со ширењето на револуцијата. Иран ги регрутира, мотивира, организира, финансира и ги обучува шиитите од целиот свет, за да го спасат режимот на Башар ал-Асад од колапс.

Невозможно е да се утврди точниот број на авганистански шиитски борци во Сирија, но Ал Џезира разговараше со претставник, кој рече дека такви борци има околу 20.000.

– Фатемион брои десетици илјади борци. Многу од нив во таа дивизија веќе се обучени во Авганистан, а тие кои досега не се обучени, ја проаѓаат обуката во Авганистан, а потоа доаѓаат во Сирија преку Ирак или Либан, изјави за Ал Џезира полковник Хусаин Кенани Могхдам од иранската Сепах Пасдарана, т.е. Револуционерната гарда – огранок на иранските вооружени сили.

Тој додаде дека силите на Фатемион можат да се споредат со шиитските милиции во Ирак. Во меѓувреме Фарис Бајуш, полковник на сириската опозициска Слободна сириска војска (ФСА), за Ал Џезира ијзави дека ФСА проценува оти најмалку 2.000 авганистански шиитски борци моментно учествуваат во активните борби во Сирија, а дека многу од нив се вклучени во борбите во градот Алепо.

Во извештајот на иранскиот весник „Машрег Њуз“, кој е поврзан со Револуционерната гарда, наведено е дека силите на дивизијата Фатемион бројат околу 20.000 борци. Околу 200 од нив се убиени од 2013 година во борбите ширум Сирија, се додава во извештајот.

Награди

Многу заробени авганистански шиитски борци велат дека во Сирија дошле поради ветувањата за парични награди. Наводно им се нудат плати од 500 до 1.000 долари месечно.

Други велат дека учеството во војната е начин на избегнување на затворски казни поради обвиненија за трговија со дрога, а за такви обвиненија во Иран често се изрекува смртна казна.

– Таму се наоѓаат некои Авганистанци кои се натурализирани Иранци и кои се дел од вооружените сили како припадници на легија на странци, изјави за Ал Џезира Ганбар Надери, ирански политички аналитичар и новинар на „Кајхан Интернешанл“.

Тие се пратени во Сирија да ги бранат светите храмови и клучните државни згради, како и иранските државјани. Голем број од тие луѓе се убиени во Сирија и Ирак.

Воените врски меѓу авганистанските државјани и иранската војска траат веќе некое време. Сега е откриено дека тие луѓе се борат рамо до рамо со иранските, сириските и ирачките сили‟.

Поради фактот дека нема повеќе работа поради падот на економијата и казнените санкции во оваа земја, некои Авганистанци сметаат дека е добра можност да бидат пратени да се борат во Сирија и да заработат големи пари, од 500 до 1.000 долари, но никој не ги присилува да одат да се борат.

Фатемион е само еден пример на зголеменото иранско влијание во регрутирањето на борци во регионот.

Регионална војска

Претходно овој месец генерал мајор Мохамед Али Џафари, командант на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, втор огранок на иранските вооружени сили, објави дека Иран командува со регионални сили кои бројат 200.000 млади мажи во Јемен, Ирак, Сирија, Авганистан и Пакистан.

– Актуелниот развој на настаните во регионот, основањето на групата Исламска група (ИД) и техфирските групи, како и настаните кои се случија во изминатите години подготвуваат терен за доаѓање на имамот Махди и сега можете да видите позитивни резултати во подготвеноста на речиси 200.000 вооружени млади мажи во Сирија, Ирак, Авганистан, Пакистан и Јемен, изјави Џафари во обраќање на меморијална церемонија во Техеран посветена на Иранците убиени во Сирија.

Речиси секојдневно се објавуваат видео снимки на авганистански борци убиени во Сирија, чии ковчези се изложени ширум иранските градови пред да бидат закопани. Многумина кои ги заробија припадниците на сириската опозиција, рекле дека се од Авганистан и дека припаѓаат на дивизијата Фатемион, која стана позната поради составот на своите сили и поради големите загуби.

Тоа е дивизија на единицата Кудс на иранската Револуционерна гарда – елитни специјални сили задолжени за екстратериторијални операции.
Бригадата е под команда на Касем Сулејмани, генерал на единицата Кудс, кој од неодамна стана најпознат ирански генерал.

Фотографии на Сулејмани кој позира покрај авганистански шиитски борци може да се види на Фејсбук страница посветена на Фатемион.

Во документарец кој го објавија иранските медиуми, еден од командантите на единицата Фатимион, Моалем, вели дека „најголемите љубители на слободата од целиот свет и од исламскиот свет заедно дојдоа тука на секаков можен начин“. – Како и секогаш, авганистанските шиити исто така се почуствуваа одговорни и побрзаа во Сирија за да ја бранат нашата вера и нашата светост Заинаб, додава тој.

Тивки Авганистанци

Во Авганистан неколку децени не е спроведен попис на населението, но се проценува дека шиитите се од 10 до 15 отсто од населението, главно од етничкото малцинство Хазари.

Во видео снимка која ја снимила авганистанската опозиција, еден заробен Авганистанец вели дека дошле од Авганистан во Иран, а потоа од Иран во Сирија. – Во Иран ни платија два милиона томани (околу 660 долари) и ни рекоа да одиме во Сирија да се бориме и да ја штитиме светоста Заинаб, вели тој.

Во друга видео снимка заробен авганистански шиитски борец кој рекол дека се вика Бурат-Али вели дека му била изречена шестгодишна затворска казна поради дрога. – Рекоа дека (ИД) ќе го уништи светиштето Заинаб… дојдов од Иран да се борам во војната со ветување дека ќе имам месечна плата од 600 долари, раскажува тој.

И додека иранските весници отворено дискутираат и ја слават улогата на авганистанските шиитски милиции во сириската војна, авганистанските медиуми главно молчат за таа тема.

На прашање на Ал Џезира, авганистанските политичари не ги потврдија обидите на Иран да регрутира авганистански шиитски доброволци за да се борат во војните во Сирија и Ирак.

– Постојат некои медиумски извештаи за авганистански државјани кои ги регрутирала иранската влада за да се борат во војната во Сирија, изјави за Ал Џезира Ахмад Шакиб Мустагни, портпарол на авганистанското Мининистество за надворешни работи. – Меѓутоа, немаме веродостоен извештај или доказ кој сугерира дека тие извештаи се точни, но можно е да постојат поединци кои своеволно се вклучиле во војната, додава тој.

Основањето на авганистанската шиитска дивизија во рамки на структурите на Иранската револуционерна гарда не е новост и датира од периодот на иранско-ирачката војна во 80-те години од минатиот век, кога е основана Бригадата Абузар, која ја сочинувале авганистански шиитски сили, за да му помогнат на Иран во борбите.

Ал Џезира го контактирала Мохамад Мохагиг, актуелен член на авганистанскиот Парламент и основач и претседател на Хезб-и-Вахдат, т.е. Народна партија на исламското единство, главна шиитска партија во Авганистан, која има блиски врски до Иран, но тој одби преку телефон да коментира на оваа тема. 

Би можело да ве интересира

Тројца шпански туристи загинаа во Авганистан

Горан Наумовски

Девет деца загинаа откако експлодираше нагазна мина во Авганистан

Силен земјотрес го погоди Авганистан

Османи на дискусија за поддршка на бранителите на демократијата од Авганистан: Македонија покажа одговорност кога тоа беше најпотребно

Орце Костов

Нов силен земјотрес го погоди западниот дел на Авганистан

Силен земјотрес е регистриран во Авганистан, на границата со Таџикистан