Бројот на убиени лица поради десничарски радикализам во Северна Америка, Западна Европа и Океанија е зголемен за 250 проценти во споредба со 2014 година, но, бројот на убиени во терористички напади во светот во 2019 година опаѓа петта година по ред.
Бројот на загинати од терористички напади минатата година беше 13.826, што е за 15 проценти помалку од 2018 година и петта година по ред тој број се намалува од 2014 година, соопшти Институтот за економија и мир (ИЕП) во својот Глобален индекс за тероризам. .
ИЕП предупредува дека бројот на убиени лица поради десничарски радикализам во Северна Америка, Западна Европа и Океанија е зголемен за 250 проценти во споредба со 2014 година. Минатата година имаше 89 смртни случаи во вакви случаи.
„Тоа ниво сега е највисоко во изминатите 50 години“, соопшти ИЕП. Институтот нагласува дека конфликтите остануваат главната причина за тероризмот затоа што повеќе од 96 проценти од нападите во 2019 година биле извршени во земји каде се во тек војни или насилни конфликти.
Најголем пад на бројот на убиени се случи во Авганистан и Нигерија, но тие остануваат единствените две земји во кои бројот на убиени е поголем од илјада лица.
И покрај падот на бројот на жртви на тероризам на глобално ниво, тој останува значителна и сериозна закана во многу земји, а состојбата се влошува во Буркина Фасо, Шри Ланка, Мозамбик, Мали и Нигер. Втора година по ред, најпогодениот регион е Јужна Азија.
– Како што влегуваме во новата декада, гледаме нови терористички закани. Најголеми примери се растот на крајната десница на Западот и влошувањето ситуацијата во Сахел, изјави Стив Килелеа, извршен директор на ИЕП.
Талибанците и минатата година беа најсмртоносна терористичка група, а дејствувањето на терористичката Исламската држава продолжува да паѓа, иако нејзините филијали сè уште се активни, особено во субсахарска Африка.
ИЕП заклучува дека коронавирусот и како последица на тоа економскиот пад веројатно ќе ја зголемат политичката нестабилност и насилството во светот.