Словачка и донираше на Украина моќен систем за противвоздушна одбрана С-300 како мала помош во одбраната од руската агресија, изјави денеска словачкиот премиер Едуард Хегер.
Британските медиуми пренесуваат дека Украина секојдневно го повикува Западот да и донира од толку потребното оружје.
-Можам да потврдам дека Словачка донираше ракетен систем С-300, врз основа на нивното барање да им помогне во одбраната од агресијата, изјави Хегер, кој денеска се наоѓа во посета на Киев.
Системот С-300 е произведен во поранешниот СССР, а во оперативна употреба е и денеска.
Словачка следната недела од САД ќе добие четири противвоздушни ракетни системи „Патриот“, што ќе ги заменат системите за противракетна одбрана С-300 пренесени во Украина, изјави денеска словачкиот министер за одбрана Јарослав Над.
-Четирите системи „Патриот САМ“, од најновата модификација PAC 3, ќе ни обезбедат неспоредливо повисок степен на заштита од застарениот систем С-300 произведен во 1987 година. Зборуваме за недвосмислено зајакнување на одбранбените способности на Словачка, рече Над.
Извор: МИА