Хаос и огромни толпи од луѓе е денешната глетка на метро станиците на Прага, поради тоа што најголемиот дел од линиите на овој вид јавен превоз се затворени, јави дописникот на МИА од чешкиот главен град.
Иако како надомест на метро превозот се пуштени нови трамвајски и автобуски линии, сепак во еден и пол милионскиот град тоа се покажа како недоволно.
Сообраќајниците низ градот беа целосно блокирани од автомобили кои чекаа во долги редици.
Станиците на подземното метро во строгиот центар на градот, се затворени поради зголеменото ниво на реката Влтава. Според метеоролозите, врнежите постепено престануваат и се очекува сообраќајот во метрополата целосно да се нормализира в петок.