Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска ги повика генералите во Судан да ги вратат легитимните аранжмани за управување со земјата, еден ден откако десетици илјади луѓе излегоа на улиците на најголемите продемократски протести од воениот удар.
Војската изврши државен удар во Судан во понеделникот, по неколкунеделни зголемени тензии меѓу нејзините лидери и цивилните лидери, предизвикани од несогласувањата околу текот и брзината на транзицијата кон демократија.
Гутереш порача дека генералите треба да ги „послушаат“ пораките од вчерашниот протест.
„Време е да се вратиме на легитимните уставни уредувања“, напиша Гутереш на Твитер.
Тој изрази загриженост поради вчерашното насилство на безбедносните сили врз демонстрантите и повика сторителите да одговараат.
Најмалку три лица загинаа кога безбедносните сили пукаа кон демонстрантите во Омдурман, град во близина на главниот град Картум.
Синдикатот на лекарите, исто така, соопшти дека повеќе од 110 луѓе биле повредени за време на протестите во Омдурман и на други места во земјата.
Вкупниот број загинати од пучот во понеделникот се зголеми на 12, според Комитетот на судански лекари и активисти, а повеќе од 280 луѓе беа повредени во текот на изминатата недела.
Генералот Абдел Фатах Бухран, кој го предводеше државниот удар, рече дека преземањето на власта било неопходно за да се избегне граѓанска војна, наведувајќи ги како причина растечките поделби меѓу политичките групи.
Мисијата на ОН во Судан работи на посредување во дијалогот меѓу војската и цивилните лидери.