Гуаидо ја повика меѓународната заедница да ги разгледа сите опции за Венецуела

Од:

Самопрогласениот времен претседател на Венецуела, Хуан Гуаидо ја повика меѓународната заедница да ги разгледа „сите опции“ за решавање на кризата во земјата.

Венецуелската војска викендов спречи влез во Венецуела на конвои камиони со странска хуманитарна помош, блокирајќи ги на границата и употребувајќи солзавец за растерување на опозициските демонстранти.

– Последните настани ме натераа да донесам одлука формално да и предложам на меѓународната заедница дека мораме да ги имаме сите опции отворени за да ја осигураме слободата на нашата земја, која се бори и која ќе се бори, напиша Гуаидо на Твитер.

Гуаидо денеска во Богота, на маргините на Самитот на земјите членки на Групата Лима во Богота, ќе се сретне со американскиот потпретседател Мајк Пенс, кој, како што се очекува, ќе објави конкретни чекори.

Шефот на американската дипломатијата Мајк Помпео, пак, изјави дека се ближи крајот на Николас Мадуро, кого САД не го признаваат за претседател на Венецуела.

– Уверен сум, благодарение на Венецуелците, дека деновите на Мадуро се одброени, изјави Помпео во интервју за Си-Ен-Ен.

Тој го окарактеризира Мадуро како „најлош од најлошите тирани“, поради блокадата на неколку стотици тони храна, лекови и хигиенски средства, кои САД ги испратија во Венецуела.

Помпео, при тоа, не ја исклучи таа можност за можна употреба на сила од страна на американската војска,

– Рековме дека сите опции се на маса. Правиме се што можеме да завладее демократијата и да се создаде подобра иднина за Венецуелците, изјави Помпео.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, пак, апелираше по секоја цена да се избегне насилство во Венецуела, наведувајќи дека е „шокиран и тажен“ што неколку цивили го загубија животот во судири со венецуелската војска.

Тој повика на смиреност и од сите учесници побара да вложат напори за да се избегне натамошна ескалација.

Високата комесарка за човекови права на ОН и поранешна претседателка на Чиле, Мишел Башелет го осуди насилството во пограничните области на Венецуела, каде опозицијата се обидува да овозможи влез во земјата на меѓународна хуманитарна помош.

Башелет особено ја критикуваше, како што рече, прекумерната употреба на сила од страна на безбедносните сили на Венецуела, како и учеството на провладини групи во насилството, истакнувајќи дека во изминатите два дена во судирите загинаа најмалку четири лица, а повеќе од 300 беа повредени.

Кризата во Венецуела ескалираше минатиот месец откако претседателот на Националното собрание, Гуаидо се прогласи за провремен шеф на државата, не признавајќи го реизборот на Мадуро.

Мадуро беше реизбран за претседател на Венецуела минатата година, на избори бојкотирани од опозицијата и исполнети со серија нерегуларности, поради што не беа признати како легитимни од голем број западни земји. По истекот на претходниот мандат на Мадуро, Гуаидо се прогласи за привремен шеф на државата, повикувајќи се на одредбата на Уставот дека по истекот на мандатот на претседателот, до изброт на негов наследник, вршител на должноста шеф на државата станува првиот човек на Националното собрание.

Би можело да ве интересира

Шест странци уапсени во Венецуела за наводен заговор на ЦИА за убиство на Мадуро

Чистка во Венецуела: Сменети се сите кои одлучуваат за нафтата

Мадуро одлучи: Божиќ ќе се слави на 1 октомври

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Членови на Вагнер забележани во Венецуела: „Каде и да одат носат смрт“

Венецуелската опозиција го обвини Мадуро за киднапирање по апсењето на пратеникот

Демонстрантите во Венецуела ја урнаа статуата на Уго Чавез: Насилни протести по претседателските избори

Горан Наумовски