Градоначалникот на Каракас уапсен за поттикнување државен удар

Од:

Градоначалникот на Каракас и истакнат претставник на опозицијата Антонио Ледесма е уапсен од службите за разузнавање по наредба на обвинителството, под сомнение за поттикнување на државен удар во Венецуела, изјави синоќа венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

Против Ледесма ќе биде покренато обвинение од венецуелското обвинителство и ќе одговара за сите извршени дела против мирот во земјата, безбедноста и корупцијата, нагласи претседателот.

Мадуро се обрати по државните радио и телевизија веднаш откако сопругата на Ледесма соопшти за апсењето. Таа изјави дека при апсењето на нејзиниот маж учествувале 80 лица од разузнавачки служби, кои упаднале во Градското собрание во источниот дел на Каракас. Претседателот ги повтори обвиненијата дека опозицијата поттикнува извршување на државен удар со поддршка на САД.

– Го одведоа Антонио, го тепаа и влечеа по патот, не му дадоа време да каже што било, изјави за радио „Јунион“ неговата сопруга, додавајќи дека службениците за разузнавање пристигнале со десет оклопни возила, а откако излегле пред зградата пукале во воздух за да ги растераат насобраните луѓе.

Ледесма (59) е ветеран на венецуелската опозиција. Тој зад себе има сенаторски, пратенички и претседателски мандат. Избран е за градоначалник на главниот град Каракас во 2009 година, а во 2013 година е реизбран.

Минатата недела во Венецуела беа уапсени поранешен генерал од воздишните сили и уште 13 лица поради заговор за државен удар против претседателот Николас Мадуро, според кого постоел план за напади на претседателскиот дворец и други владини институции. Тогаш претседателот го именува Ледесма на списокот на владини противници и западни сили, кои ги обвини за заговор.

Градоначалникот на Каракас одговори на обвиненијата зборувајќи во повеќе интервјуа, нагласувајќи дека вистинска сила што ја дестабилизира Венецуела е корумпираноста на Владата.

Апсењето на градоначалникот Ледесма предизвика протести низ целиот град. Луѓето спонтано излегоа на прозорците и улиците, а во текот на ноќта стотици жители се собраат пред централната служба за полициско разузнавање.

Би можело да ве интересира

Шест странци уапсени во Венецуела за наводен заговор на ЦИА за убиство на Мадуро

Чистка во Венецуела: Сменети се сите кои одлучуваат за нафтата

Мадуро одлучи: Божиќ ќе се слави на 1 октомври

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Членови на Вагнер забележани во Венецуела: „Каде и да одат носат смрт“

Венецуелската опозиција го обвини Мадуро за киднапирање по апсењето на пратеникот

Демонстрантите во Венецуела ја урнаа статуата на Уго Чавез: Насилни протести по претседателските избори

Горан Наумовски